ЌЕ СЕ ГРАДИ „ПОРТА“ ЗА ПЛАСМАН НА ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ ПРОИЗВОДИ Трипуновски најави нови правила на игра во откупот
Ќе изградиме два големи објекти со магацински простор, капацитети за калибрација, изложбен дел и за фитосанитарна контрола, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Oваа година ќе биде исполнета со многу активности, кои што ќе бидат видливи за јавноста, откако изминатите две години беа насочени кон административна подготовка на активностите, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Тој најави дека во Скопје ќе биде поставен камен-темелник на нова современа платформа за пласман на земјоделските производи, која ќе претставува значајна инфраструктурна инвестиција за државата.
– Ќе изградиме два големи објекти со магацински простор, капацитети за калибрација, изложбен дел и за фитосанитарна контрола. Тоа ќе биде вистинска порта за македонските земјоделски производи, како за домашниот така и за извоз на странските пазари – рече министерот во гостување на Алфа.
Трипуновски посочи дека се реализаат системите за наводнување во соработка со Германската развојна банка.
– Работиме и на носењето на нови закони кои што ќе значат нови правила на игра во делот на регулација на пласманот и на откупот на земјоделските производи, како и олеснување на многу процедури во делот на земјоделското производство – рече Трипуновски.
Министерот додаде дека заедно со Државниот инспекторатот за земјоделство и другите институции се фокусирани во следење на процесот на откупот и на почитување на законот, со цел земјоделците да имаат стабилност, да знаат дека има некој што го следи процесот и дека не се оставени сами на себе како во минатото.