НОВИ ПРАВИЛА ВО ЕУ ЗА ПРЕКУГРАНИЧНО ПАТУВАЊЕ СО ВОЗ Еден билет ќе важи за едно патување со повеќе превозници
Европската Комисија предлага мерки за воспоставување систем за купување индивидуални билети за патувања со неколку железнички превозници според принципот „едно патување, еден билет“.
Европската комисија денес предложи нови правила кои значително треба да го олеснат прекуграничното патување низ Европа, особено патувањето со воз.
Комисијата објави три предлози кои го поедноставуваат планирањето и резервацијата на регионално, меѓуградско и прекугранично патување, особено за железничко патување со повеќе превозници, и обезбедуваат подобра заштита за патниците во текот на целото патување.
-Европејците ќе можат да планираат, споредуваат и купуваат билети за повеќе видови транспорт со еден клик- рече комесарот за одржлив транспорт и туризам Апостолос Цицикостас.
Во моментов, споредувањето на сите достапни опции за патување и идентификувањето на најодговорните избори, особено за прекугранично патување, останува тешко за патниците од ЕУ, особено кога станува збор за железнички билети.
Многу патници се соочуваат со пречки при комбинирање на различни транспортни услуги. Резервирањето на повеќе патувања со воз што вклучуваат билети од различни компании е многу често многу комплицирано, главно поради фрагментираните системи за резервација и силното присуство на пазарот на одредени железнички компании.
-Пронаоѓањето на најдобрата рута може да биде тешко, споредувањето на цените е фрустрирачко. Резервирањето прекугранично патување е премногу комплицирано, а правата на патниците во случај на пропуштена врска се нејасни. Накратко, Европа има многу добра железничка инфраструктура во повеќето случаи, но сè уште немаме навистина беспрекорно искуство за патниците- рече Цицикостас, додавајќи дека овие предлози треба да го променат тоа.
Комисијата предлага мерки за воспоставување систем за купување индивидуални билети за патувања со неколку железнички превозници според принципот „едно патување, еден билет“. Патниците на тој начин ќе можат да наоѓаат, споредуваат и купуваат услуги од повеќе даватели на транспорт со еден билет и една трансакција, а тоа ќе можат да го прават на платформата по свој избор.
Во случај на проблеми со патувањата опфатени со еден билет, на пример, ако пропуштат една од врските, Комисијата предвидува и подобрена заштита на потрошувачите, или со наоѓање алтернативи или со плаќање надомест или враќање на средства.
Конечната форма на трите регулативи предложени од Комисијата ќе ја одредат Советот на ЕУ и Европскиот парламент.
За да се овозможи едноставен систем за резервации и билети, земјите-членки ќе треба да го забрзаат и спроведувањето на правилата на Директивата за интелигентни транспортни системи за споделување на податоци за мултимодален транспорт на националните точки за пристап.