„ВЛАДИМИР КЕЦМАНОВИЌ Е МНОГУ ОПАСНА ЛИЧНОСТ“ Се заканувал во судница, ги обвинил обвинителите дека го држат во притвор без докази

По судењето адвокатката Зора Добричанин Никодиновиќ, која ги застапува оштетените семејства, изјави дека она што го доживуваат како адвокати на оштетените продолжува постојано и е апсолутно неприфатливо и неподносливо.

1,247

Судењето на родителите на малолетниот убиец Коста Кецмановиќ денеска се одвило во напната атмосфера, пишуваат српските медиуми.

Владимир Кецмановиќ, татко на 13-годишниот убиец кој на 3 мај 2023 година уби 9 врсници и член на обезбедувањето во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград предизвика бура на судењето откако го обвинил главниот јавен обвинител на Вишото обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, дека  го држи во притвор без никакви докази“, а упатил и сериозни обвинувања против обвинителот Никола Ускоковиќ и против адвокатката Зора Добричанин Никодиновиќ, која ги застапува оштетените семејства.

На Кецмановиќ му се суди за тешко кривично дело против општата безбедност и злоупотреба и занемарување на дете, а на неговата сопруга Миљана Кецмановиќ за занемарување и злоупотреба на дете. Од првиот ден тие ја негираат својата вина за постапките на нивниот син.

Судењето пред Вишиот суд во Белград денеска влезе во завршната фаза, откако беа изнесени писмени докази.

– Атмосферата во судницата беше морничава, пред сè затоа што семејствата повторно ги гледаа фотографиите и видеата од „Рибникар“ од 3 мај 2023 година. Таткото на малолетникот кој уби 10 лица упати остри зборови против една од претставничките на семејствата, Зора Добричанин Никодиновиќ и го обвини обвинителот Стефановиќ дека поради него е во притвор три години. Рече дека му се суди само поради Стефановиќ и дека обвинителот Ускоковиќ го наместил. Како и многу пати досега, родителите на убиецот покажаа дека немаат емпатија кон жртвите и дека сите други се виновни освен тие – вели изворот од судењето кое е затворено за јавноста.

По судењето адвокатката Зора Добричанин Никодиновиќ изјави дека го доживува Владимир Кецмановиќ како многу опасна личност.

– Она што го доживуваме како адвокати на оштетените продолжува постојано и е апсолутно неприфатливо и неподносливо. Нема да коментирам, но она што лично го доживеав денес од обвинетиот Владимир Кецмановиќ го сметам за сериозно заплашување и закана, за што ќе ја известам полицијата – рече таа.

Кога беше замолена да разјасни на кој начин била заплашена, адвокатката не сакаше да даде дополнителни детали, но рече дека има право јавно да зборува за своите чувства.

– Бидејќи не му се допаѓа што некој јавно кажува нешто за него, што некој јавно кажува нешто поврзано со овој настан. Го видов тој негов став, тој поглед и тие зборови. Навистина е страшно и така се чувствувам – рече Добричанин.

Адвокатот Огњен Божовиќ рече дека денеска се презентирани најзначајните докази во врска со одговорноста на родителите на малолетниот сторител на убиството.

Рече и дека на судењето е прегледана фото и видео документацијата и додаде дека на сите им било многу тешко да ги набљудуваат сите докази, но дека тоа е неопходно и важно за конечната одлука.

Од друга страна, бранителката на Кецмановиќ, Ирина Боровиќ, изјави дека денеска не е утврдено ништо ново, и дека судот утврдил дека немало закана во судницата.

На судењето биле испрашани сведоци кои први биле на местото на убиството.

Ова е повторно судење за родителите Кецмановиќ. На крајот на декември 2024 година им беше изречена првата првостепена пресуда, со која таткото Владимир беше осуден на 14,6 години затвор за обете кривични дела и беше осуден на максимални казни за обете, а мајката Миљана Кецмановиќ на максимална казна од 3 години затвор за занемарување на дете. Апелациониот суд ја поништи таа пресуда и нареди ново судење.

Завршните зборови пред пресудата се закажани за 10 јуни.

Поврзани содржини