Црна „честитка“

Зарем некој во онаа „партија“, после ова, навистина се надева дека ќе добие глас повеќе на следните избори? Зарем некој таму навистина го смета македонскиот граѓанин толку црн, прост, глуп… и после ова од него очекува политичка милост?

90

Не знаеме како власта ќе го „прослави“ Денот на победата над фашизмот. Најверојатно како и години претходно – со ништо. Нам тој ден изгледа ништо не ни значи.

Но видовме како самонаречената опозиција го прослави. Воочи еден од најсветлите датуми во поновата македонска историја, датум којшто апсолутно нè диференцира регионално (од некои соседи) но и пошироко, таа испраќа срамно, вулгарно, денунцијантско, колаборационистичко писмо-честитка до новиот бугарски премиер велејќи дека „за жал, во Македонија постои криминална група, предводена од Христијан Мицкоски, која свесно го блокира европскиот пат на земјата и создава вештачки конфликти со соседите, заради заштита на својот корумпиран систем“ (sic!).

Ќе бидам искрен и ќе кажам дека цитатот, пренесен на повеќе македонски онлајн портали, го примив со неверување, дури со мисла дека е во прашање „несолена“ шега односно дека некој сепак грдо и неумесно ѝ подметнува на опозицијата олицетворена во сдсм (малите букви се…), каква-таква, и нејзиниот „лидер“. Заради што и проверив на нивниот сајт, каде под насловот „Филипче на X: СДСМ му честита на Радев, со почитување на нашиот идентитет и на европските принципи, можеме да ги надминеме сите отворени прашања“, од 8.5.2026 во 11:21 часот, стои целиот текст на пораката до Радев, вклучувајќи го и наведениот цитат! И не само него.

Просто е фрапантно како некој може да смисли, па и да се осмели да напише, такви нешта во куртоазна честитка до соседен новоизбран премиер. Зашто тој тип на честитики не се ништо друго, туку израз на добронамерна пристојност, добро воспитување и куртоазија. Ова, за жал, е нешто сосема спротивно: ова е невиден простотилак, непристојност, провинцијализам и кодошлак на најниско рамниште. И тоа не е резил само на потписникот на тие редови, туку на сите оние кои претходно го виделе и го одобриле, но и сите оние од таа „партија“ кои го виделе како објава и – премолчеле! И со тоа дефинитивно престанале да бидат партија. Барем македонска.

Зашто кога од една земја што важи за колевка на многувековен регионален цивилизациски подем излегуваат такви гадотии, кога таа земја некој, свесно или не, но сигурно ја придвижува кон страотни ерозивни амбиси, тогаш целосно се губат сите национални, културни, морални… вредности. А доминантна станува алчноста за власт, кодошлакот, непријателството кон сопствениот народ…! Зошто, што освен сјајни сребреници се добива со таквото однесување?

Зарем некој во онаа „партија“, после ова, навистина се надева дека ќе добие глас повеќе на следните избори? Зарем некој таму навистина го смета македонскиот граѓанин толку црн, прост, глуп… и после ова од него очекува политичка милост? Поточно, зарем кодошењето на сопствената земја, па и власта којашто дури и можеби не ви е по волја или мерка, кај комшии чии политики парадоксално и најбезобразно го негираат вкупниот историски развој на вашиот (ако е ваш?) народ, земја, држава…, не е акт на најсрамотен потег својствен единствено на најдолниот ранг на современиот човек? Фактот дека некој/некои аплаудираат на таквото политикантско самоубиство не менува ништо: само докажува дека, за жал, и кај нас постојат луѓе подготвени да продадат сè – за ништо.

Зашто „ништото“ е платата за тој и таков неморален чин, без оглед колкумина – а малку се – се обидуваат тоа да го „објаснат“ со некакви смешни тези за „идеолози“ и „политичари“. Тоа, ова, не го прават ни едните ниту пак другите. Згора на тоа, овие кај нас кои се затскриваат зад таквите шарлатански флоскули, најмалку можат да се претставуваат како едното или другото. Тие се – нула, зеро, ништо, мрак…

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини