НОВ УДАР ЗА ЦЕНАТА НА НАФТАТА Поскапува бродскиот транспорт
Конфликтот на Блискиот Исток ги зголеми трошоците за гориво на товарните бродови за околу 400 милиони евра месечно.
Директорот на „Маерск“, една од најголемите светски компании за бродски превоз и логистика со седиште во Данска, Винсент Клерк предупреди дека зголемените трошоци од прекините во глобалниот поморски сообраќај ќе мора да се пренесат на клиентите.
Тој предупреди дека конфликтот на Блискиот Исток ги зголемил трошоците за гориво за околу 400 милиони евра месечно.
– Очигледно е огромна сума. Можеме да направиме нешто за да ги ублажиме трошоците и ќе го направиме тоа, но останатото ќе се сведе на комерцијални разговори со клиентите на кои ќе мора да им го префрлиме тој трошок- вели Клерк.
Според него, компанијата досега успеала да ги префрли повисоките трошоци на клиентите преку нови договори и повисоки цени за транспорт, но предупреди дека енергетската криза може да трае со месеци.
Маерск сè уште очекува глобалниот контејнерски превоз да порасне за 2 до 4% оваа година, но вели дека пазарот останува многу нестабилен.
„Маерск“ има 66 бродови заробени во Персискиот Залив, а Клерк рече дека тие ќе останат таму додека не се дозволи безбедно поминување низ таа клучна транспортна рута.
Во првиот квартал, компанијата оствари приходи пред оданочување од 1,5 милијарди евра, што е над очекувањата на аналитичарите, но помалку отколку во истиот период минатата година.