РАСТ ОД 120% НА ТРАНСАКЦИИТЕ НА ПЛАТФОРМАТА ЗА РАЗМЕНА НА ПОДАТОЦИ МЕЃУ ИНСТИТУЦИИТЕ Андоновски смета дека ова директно ја олеснува работата на компаниите
Министерот за дигитална трансформација оцени дека институциите сè повеќе ги користат дигиталните канали за размена на податоци и дека системот постепено станува реална поддршка за поефикасна администрација.
Забележан е раст од околу 120% на трансакциите на платформата за интероперабилност, информира денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Тоа, според него, покажува дека институциите сè повеќе ги користат дигиталните канали за размена на податоци и дека системот постепено станува реална поддршка за поефикасна администрација.
-Интероперабилноста не е само технички проект. Таа е економска мерка, мерка за подобра деловна клима и начин да им помогнеме на компаниите да бидат попродуктивни, а институциите побрзи, попрецизни и поодговорни – рече Андоновски на отворањето на Третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители под мотото „Генерација со визија – Професија со иднина”..
Тој додаде дека секое намалување на административниот товар директно ја олеснува работата на сметководителите и на компаниите што тие ги поддржуваат, имајќи предвид дека нивната секојдневна работа е поврзана со рокови, документи, извештаи, финансиски податоци, даночни обврски, регистрациони постапки и комуникација со повеќе институции.
Андоновски посочи дека платформата за интероперабилност е еден од клучните механизми преку кои институциите се поврзуваат, нивните системи меѓусебно комуницираат, а податоците што веќе постојат во една институција можат, согласно закон и со соодветна заштита, да се користат од друга институција.
Посебен акцент во обраќањето тој стави и на Националниот портал за услуги — uslugi.gov.mk, кој, како што истакна Андоновски, треба да биде централна точка преку која граѓаните и компаниите ќе можат полесно, побрзо и појасно да пристапуваат до услугите што ги нудат институциите.
– Националниот портал не треба да биде само дигитална табла со услуги. Тој треба да биде влезна врата кон поинаква јавна администрација — администрација ориентирана кон корисникот, кон поедноставување на постапките и кон реална услуга – рече Андоновски.
Министерот го поздрави фактот што ИСОС, како професионална организација, активно ја користи платформата за интероперабилност, но и услугите од Националниот портал како дигитална платформа за пристап до услугите што ги нуди за своите членови. Тој оцени дека тоа е позитивен пример што треба да биде поттик и за други организации и институции да ги дигитализираат своите услуги и да ги направат подостапни за корисниците.