НА ПОЧЕТОКОТ НА СЛЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ РЕАЛИЗИРА БРЗАТА ПРУГА Мицкоски очекува железничкото поврзување со Бугарија да биде готово во 2029 година

Министерството за финансии веќе објави повик - имаме необврзувачка индикативна понуда од потенцијален понудувач и, се разбира, треба да ги потврдат условите што ги дадоа тогаш и ако биде сè како што треба, очекувам на почетокот на следната година да почне реализацијата - рече Мицкоски

71

Премиерот Христијан Мицкоски очекува брзата пруга на Коридорот 10 да почне да се гради на почетокот на следната година.

Тој рече дека веќе има необврзувачка индикативна понуда за потенцијален финансиер кој ќе треба да се потврди со потпишување на договор, но пред тоа треба да се заврши процедурата за подготовката на физибилити- студијата и студијата за влијанието врз животната средина.

– Продолжуваме со реализација на проектот „Брза пруга“ на Коридорот 10. Физибилити-студијата е веќе при крај и студијата за влијанието врз животната средина е исто така при крај, законско времетраење е 270 дена и очекувам летово, јуни – јули, да бидат затворени овие прашања затоа што ќе биде потребна и ревизија на овие студии. Откога ќе биде завршено сето тоа, ќе влеземе во процес на потпишување договор за потенцијален финансиер. Министерството за финансии веќе објави повик – имаме необврзувачка индикативна понуда од потенцијален понудувач и, се разбира, треба да ги потврдат условите што ги дадоа тогаш и ако биде сè како што треба, очекувам на почетокот на следната година да почне реализацијата – рече Мицкоски  по присуството на панихидата во црквата „Св. Спас“ во Скопје по повод 123 години од смртта на Гоце Делчев.

Тој рече и дека продолжуваат и планираните активности за изградба и модернизација на железничкиот  Коридор 8, каде што очекува заокружување на предвидените проекти за пругата до Бугарија и за модернизацијата на пругата од Скопје до Кичево.

Тој информира дека за пругата кон Бугарија се очекува тендер за избор на изведувач за третата делница и потсети дека веќе е пробиен последниот тунел од втората делница и оти првата делница е веќе во функција.

-Преговараме со ЕК и веќе се обезбедени пари во рамките на планот за раст за модернизација на пругата од Скопје до Кичево. Овој проект се реализира со несмалена динамика и очекувам комплетно од Кичево до границата со Бугарија да биде заокружен најдоцна до 2029 година – изјави Мицкоски.

Поврзани содржини