📽️ НАТО НА ТАЈНИ СРЕДБИ СО ФИЛМАЏИИ ОД САД И ОД ЕУ Што сака Алијансата од уметниците?
Алијансата одржува средби со сценаристи и продуценти зад затворени врати. Дел од филмските работници предупредуваат на можен обид за влијание врз содржините.
Воениот сојуз НАТО организира серија затворени состаноци со филмски работници од Европа и од САД. Средбите се одржуваат далеку од очите на јавноста и веќе предизвикуваат критики за можна злоупотреба на уметноста.
Според информациите, досега се одржани три состаноци во Лос Анџелес, Брисел и Париз. За јуни е најавена нова серија разговори во Лондон.
На средбите учествуваат професионалци од филмската индустрија. Меѓу нив има сценаристи, режисери и продуценти од различни земји, открива „Гардијан“.
Во Лондон се очекува средба со членови на Здружението на писатели на Велика Британија. Разговорите ќе се одвиваат според правилата на „Chatam House“.
Тоа значи дека информациите може да се користат, но без откривање на изворите.
Пропаганда или соработка?
Дел од поканетите реагираат остро. Тие сметаат дека од нив се бара да придонесат за промоција на ставовите на Алијансата.
– Ова е скандалозна и очигледна пропаганда – изјавил сценаристот Алан О’Горман.
Тој додава дека уметноста не треба да се користи за поддршка на воени политики.
Пораки, приказни, влијание
Во комуникацијата меѓу организаторите се наведува дека веќе има неколку проекти инспирирани од овие средби. Се истакнува дека дури и едноставни пораки за соработка и сојузништво може да најдат место во идни сценарија.
Ова отвора прашања за границата меѓу креативноста и влијанието.
Пристап до „тајно знаење“
Некои автори предупредуваат на опасност од еднострано информирање. Тие сметаат дека креативците може да добијат искривена слика.
– Постои ризик да се создаде чувство дека се има пристап до „тајно знаење“ – предупредил продуцентот Фајсал Куреши.
Тој додава дека таквите состаноци може да влијаат врз перцепцијата на реалноста.
Холивуд, НАТО, политика
Поддржувачите на иницијативата имаат поинаков став. Тие сметаат дека соработката со културниот сектор е корисна. Претходно, сценаристи од популарни серии како „Пријатели“ и „Закон и ред“ го посетија седиштето на НАТО во Брисел.
Целта била подобро разбирање на безбедносната политика.
Од Здружението на писатели на Велика Британија појаснуваат дека учеството не значи поддршка. Според нив, ваквите средби се можност за размена на идеи.
„Нашите членови се слободни мислители и самите одлучуваат што ќе преземат од ваквите разговори“, соопштиле од здружението.
Дебатата за границите меѓу уметноста и политиката продолжува.