ВУЧИЌ ГО ОТКРИ ТЕРМИНОТ ЗА ИЗБОРИ Можни два датуми, 12 јули или есен
Српскиот претседател најави можни изборни термини, но и важни меѓународни посети во наредниот период.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва изјави дека парламентарните избори во земјата ќе се одржат или на 12 јули или во периодот од октомври до крајот на ноември.
– Најдоцна во следните шест и пол месеци, а можеби и за два и пол месеца. Во зависност од ситуацијата во земјата и во светот, ќе се водиме од државните интереси и причини. Верувам дека изборите ќе бидат демократски – рече Вучиќ.
Тој најави дека препораките на ОДИХР ќе бидат целосно усвоени од парламентот, како и дека ќе се почитуваат ставовите на Венецијанската комисија во делот на правосудството.
– Сè што сте побарале, ќе добиете, а потоа народот ќе има можност да каже што мисли за сè и каква иднина сака. Мислам дека граѓаните ќе имаат прилично јасен избор – додаде Вучиќ.
Претседателот на Србија најави и засилени меѓународни активности, посочувајќи дека наскоро ќе ги посети Азербејџан и Кина.
– Наскоро ќе го посетам Азербејџан. Потоа ќе следува најзначајната посета во мојата професионална кариера – посетата на Кина. Верувам дека таму ќе успееме да решиме многу важни прашања во интерес на граѓаните на Србија – изјави Вучиќ.