НЕМА ДА ВИ ДОЗВОЛИМЕ ЕВТИНО ДА ИГРАТЕ СО ЧУВСТВАТА НА АЛБАНЦИТЕ Никој не се противи на користењето на албанскиот јазик
Ова е нова Македонија во која секој граѓанин допринесува и се труди за иднината на оваа земја подеднакво, не по етничка основа, рече претседателот на Владата, Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети во врска со употребата на албанскиот јазик.
Никој во оваа држава нема против користењето на албанскиот јазик, оваа влада нема да им дозволи на ДУИ да играат на ситен популизам на етнички теми, рече претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на седницата за пратенички прашања, одговарајќи на прашање од пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети.
Сите граѓани се ценат подеднакво, а не по етничка линија, ова е нова Македонија на проекти и на реформи, истакна премиерот.
– Никој нема против користењето на јазиците во Македонија кои ги употребуваат делови од народи на одредени територии или на целата територија, во случајов албанскиот јазик, ниту пак некој некогаш го спорел тоа. Ќе дадам пример, вчера на гости беше претседателот на Швајцарската Конфедерација и додека тој зборуваше и се обраќаше на англиски јазик, во позадина имаше превод на македонски и на албански јазик. Уставот вели дека единствен јазик во меѓународна употреба е само македонскиот, па не ни пречеше. Дури и моето обраќање беше преведено на албански јазик, па не ни пречеше и нема да ни пречи – рече Мицкоски.
Во врска со Законот за употребата на јазиците премиерот нагласи дека Венецијанската комисија во своето мислење дава препорака за членот 102, да се напушти примената на двојазичноста во правосудниот систем и да се вратиме на законското решение од 2008 година. Потенцира и дека Венецијанската комисија не дава мислење за уставноста на некој закон, туку дали тој е во согласност со меѓународното право.
– Дали е законот уставен кажува Уставниот суд. Овој состав на Уставниот суд го бираше вашето мнозинство, а ова мнозинство избра еден уставен судија. Ова парламентарно мнозинство се обидува да ги коригира недостатоците кои ги оставија СДСМ и ДУИ како влада. Така, со Законот за социјална заштита се дозволи вработените Албанци во детските градинки да го полагаат на албански јазик испитот кој треба да го полагаат за да бидат дел од тој предучилиштен образовен систем, тоа што вие не го направивте. Затоа нема да ви дозволиме да играте со ситни поенти на чувствата на граѓаните. Тие тоа го препознаа, а гласно ќе зборуваат на следните парламентарни избори. Затоа што оваа етноцентрична демагогија тие ја отфрлаат – рече премиерот Мицкоски.
Тој му порача на пратеникот Беџети дека ваквата етноцентрична политика им носи само негативни резултати и наместо за тоа, во државава треба да се зборува за политиките кои реално имаат влијание врз животите на луѓето.
– Дваесет години ништо не направивте пред сè, за Албанците. Но, и тие се свесни, сакаат убаво да живеат, да имаат поквалитетно здравство, пензии, плати, подобро образование, не им требаат овие теми. Нема да ви дозволи оваа влада евтино да играте со ниски страсти, ситни работи по чувствата на Албанците во Македонија. Луѓето во 21. век на Марс се качија, вие се обидувате со ситен популизам да мислите ќе добиете некакви поени, а губите, тоа време заврши. Ова е нова Македонија во која секој граѓанин допринесува и се труди за иднината на оваа земја подеднакво, не по етничка основа. Ова е поинаква Македонија во која сите сакаме да придонесеме со проект повеќе, политика повеќе и реформа повеќе – порача премиерот Мицкоски.