ДИЈАСПОРАТА И СТРАНСКИ ДРЖАВЈАНИ НАПРАВИЛЕ ПРОМЕТ ОД 52 МИЛИОНИ ЕВРА ВО МАКЕДОНСКИТЕ ОНЛАЈН ПРОДАВНИЦИ Половина од парите дошле од 9 земји
Од АТЕМ посочуваат дека 7,3 милиони евра или 14 отсто од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 5 милиони евра од Швајцарија и 3,6 милиони евра од Германија. Потоа следат Турција со 3,4 милиони евра Ирска со 2,5, Бугарија со 1,3, Обединетото Кралство со 1,2 милиони евра и Србија со 1,1 милиони евра.
Странците лани потрошиле 52 милиони евра во македонските онлајн продавници или повеќе за 40,4% во споредба со 2024 година. 52,6% од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци лани ја направиле корисници на платежни картички од 9 земји, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АТЕМ во која се користени податоци на Народната банка.
Вредноста која странските онлајн купувачи ја направиле кон домашните е-трговци е остварена во 2,3 милиони трансакции што е за 39,4% повеќе во однос на 2024 година.
Од АТЕМ посочуваат дека 7,3 милиони евра или 14 отсто од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 5 милиони евра од Швајцарија и 3,6 милиони евра од Германија. Потоа следат Турција со 3,4 милиони евра Ирска со 2,5, Бугарија со 1,3, Обединетото Кралство со 1,2 милиони евра и Србија со 1,1 милиони евра.
Најголем пораст на вредноста на трансакциите во споредба со 2024 година од 94,4% е остварен од турските иматели на платежни картички, а потоа следат германските иматели на платежни картички со раст од 55%.
Најголем број односно 252.600 е-трансакции направиле странските иматели на платежни картички од САД купувајќи од македонски е-продавници, а потоа 144.300 од Србија, додека најголем пораст на бројот на е трансакциите во 2025 година во однос на претходната година е забележан од турските иматели на платежни картички од 115,7 %.
Што се однесува до просечната вредност која странските иматели на платежни картички ја направиле кон домашните е-трговци се движи од 44,5 евра направени од Бугарија до 8,1 евра од Србија. Од САД, Турција, Ирска и Бугарија просечната трансакција е намлена во однос на 2024 година.

Според анализата на АТЕМ, географската распределба на странските трансакции кон македонските е-продавници не секогаш директно го одразува профилот на крајните купувачи, туку често е поврзана со миграциски текови, дијаспора и локацијата на издавање на платежните картички.
„Земјите како САД, Швајцарија и Германија, кои учествуваат со значителен дел од вредноста на трансакциите, во голема мера се поврзуваат со македонската дијаспора. Овие трансакции најчесто се интерпретираат како купувања направени од иселеници за свои блиски во Македонија, особено за категории како подароци, потрошни производи, услуги или резервации. Кај Ирска, ситуацијата е понијансирана. Иако постои македонска дијаспора, значајниот обем на трансакции може делумно да се објасни и со тоа што голем број меѓународни дигитални платформи и финтек компании имаат седишта токму во Ирска. Тоа значи дека дел од трансакциите може да се процесираат преку ирски платежни институции, иако крајниот купувач не е физички лоциран таму. Дополнително, можно е и учество на странски корисници (не само Македонци) кои купуваат специфични услуги од македонски компании, особено во дигиталниот сектор. Кај Турција, растот на трансакциите и вредноста упатува на комбинација од фактори: зголемена економска поврзаност, географска близина, како и можен интерес за специфични услуги или производи што ги нудат македонските е-трговци. Дополнително, дел од трансакциите може да се поврзат и со бизнис-релации или прекугранични услуги“ наведуваат од АТЕМ.