НЕМА ГОРИВО, НЕМА ЛЕТОВИ Шок предупредување од европските аеродроми
Европските регионални аеродроми предупредуваат на можен колапс на дел од авио-мрежата поради раст на цените на горивото и геополитичката криза.
Помалите европски аеродроми би можеле да се соочат со сериозни проблеми за опстанок доколку недостигот на авионско гориво, предизвикан од кризата на Блискиот Исток, доведе до масовно откажување на авионски линии. На ова денеска предупреди здружението Совет на аеродроми на Европа.
Иако авиокомпаниите наведуваат дека засега нема проблеми со снабдувањето во вообичаениот период од четири до шест недели, актуелната војна и затегнатите односи во регионот, како и нарушувањата поврзани со Ормутскиот Теснец, доведоа до удвојување на цената на авионското гориво. Тоа веќе натера дел од авиопревозниците да откажуваат летови.
Советот на аеродроми на Европа предупредува дека регионалните аеродроми се најизложени и дека се соочуваат со „егзистенцијална закана“ доколку авиокомпаниите ги намалат капацитетите и ги зголемат цените на билетите, бидејќи побарувачката на тие линии е значително почувствителна на ценовни шокови.
Генералниот директор на организацијата, Оливие Жанкове, изјави дека многу помали аеродроми сè уште не се опоравиле од последиците на пандемијата на ковид-19, при што сообраќајот останува околу 30 отсто под нивото од 2019 година. За разлика од нив, големите аеродроми веќе бележат закрепнување и раст.
– Актуелното ниво на цените на горивото и ризикот од нова криза на трошоците за живот значи дека многу регионални аеродроми ќе бидат под двоен притисок, и од понудата и од побарувачката. За нив ова претставува егзистенцијална закана – изјави Жанкове.
Здружението дополнително предупреди дека ситуацијата може да се влоши и со целосната примена на системот за влез и излез во Европската Унија (EES), кој предвидува задолжително земање биометриски податоци од државјани на трети земји. Од таму повикаа системот привремено да се одложи доколку се создадат големи метежи на граничните премини.
Во меѓувреме, шефот на глобалната авио-асоцијација ИАТА, Вили Волш, оцени дека кризата засега не влијае значително на побарувачката за летови. Сепак, предупреди дека евентуален недостиг на гориво прво би ја погодил Азија, а потоа Европа, и дека рационализацијата може да доведе до нов бран откажувања на летови.