КОЛКУ СЕ БЕЗБЕДНИ РАБОТНИЦИТЕ НА РАБОТНИТЕ МЕСТА? Лани 31 работник загинал, а се случиле 132 несреќи на работно место

28

Во текот на 2025 година се евидентирани 132 несреќи при работа, од кои 31 со смртен исход, покажуваат податоците од Годишниот извештај за несреќи при работа и професионални заболувања за 2025 година, што по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 април го објави Македонско здружение за заштита при работа.

Најмногу несреќи при работа имало во преработувачката индустрија каде што се регистрирани 33 несреќи при работа, по што следуваат градежништвото со 15, јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување со 12, дејности на домаќинства како  работодавачи и кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби со 11, административни и помошни услужни дејности 10 несреќи при работа, транспорт и складирање, 9,…

Посебен осврт во извештајот е даден на трагични настани кои ја одбележаа годината, вклучително и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој, истакнува Здружението, дополнително ја нагласи важноста од доследно почитување на прописите за безбедност, управување со ризици и ефективен инспекциски надзор.

– Токму затоа, анализата на повредите треба да ја користиме како алатка за учење, а не за критика. Веруваме дека секоја несреќа може да се спречи со правилно планирање, соодветна обука и постојана будност – велат од Македонското здружение за заштита при работа.

Оттаму порачуваат дека безбедноста и здравјето при работа не се избор, туку обврска.

– Секој работник има право да се врати дома безбедно, а секој работодавач има должност да го обезбеди тоа- истакнува Македонското здружение за заштита при работа.

По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, Советот за безбедност и здравје при работа денеска во Скопје организира настан поддржан од проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“.

Во рамки на настанот предвидени се обраќања од претставници на институциите, Европската Унија, МОТ, работодавачите, синдикатите и Советот за безбедност и здравје при работа, како и стручни излагања и работилница посветени на психосоцијалните аспекти на работата, стресот и менталното здравје на работниците, како и на потребата од создавање здрави психосоцијални работни средини.

Поврзани содржини