ИРАНСКИ СУПЕРТАНКЕР ЈА ПОМИНАЛ АМЕРИКАНСКАТА БЛОКАДА Наводно, пловел без никакво прикривање

Американските власти засега не ги коментираа овие наводи на иранската новинска агенција Фарс. Централна команда на САД вчера соопшти дека американските сили „целосно ја прекинале“ поморската трговија што влегува и излегува од Иран.

188

Ирански супертанкер за превоз на сурова нафта пристигна во иранските води по преминувањето низ Ормуската Теснина, и покрај американските закани за поморска блокада, пренесоа иранските медиуми, додека од Вашингтон засега нема официјален коментар.

Иранската новинска агенција Фарс објави дека големиот танкер, кој наводно може да превезе околу два милиони барели сурова нафта, впловил во иранските води откако минал низ меѓународни води и Ормуската Теснина.

Според истиот извор, бродот пловел со вклучен систем за следење и „без никакво прикривање“. Американските власти засега не ги коментираа овие наводи.

Командантот на Централна команда на САД вчера соопшти дека американските сили „целосно ја прекинале“ поморската трговија што влегува и излегува од Иран.

Оваа изјава следуваше откако Цент-ком во понеделникот започна блокада на поморскиот сообраќај што влегува и излегува од иранските пристаништа.

Американската команда, задолжена за воени операции на Блискиот Исток, наведе дека блокадата „се спроведува непристрасно против бродови од сите земји“ што влегуваат или ги напуштаат иранските пристаништа во Персискиот и Оманскиот Залив.

Блокадата беше воведена по кратките директни преговори меѓу САД и Иран, одржани за време на викендот во Пакистан, кои не доведоа до договор за завршување на војната што започна на 28 февруари.

Поврзани содржини