НИКОЛ КИДМАН ЌЕ СТАНЕ ДУЛА ЗА УМИРАЊЕ Идејата за новиот и необичен интерес актерката го добила по смртта на мајка ѝ
Славната актерка откри дека по смртта на мајка ѝ посакала да им помага на луѓето во последните животни фази – и не е единствена во Холивуд со ваква мисија
Холивудската ѕвезда Никол Кидман е подготвена за ново поглавје во животот – надвор од актерството. За време на гостување на Универзитетот во Сан Франциско, таа откри дека се обучува за таканаречена „дула на смртта“.
Овој поим, кој неодамна беше прикажан и во серијата The Pitt, се однесува на немедицински придружник кој им помага на луѓето да се соочат со смртта, загубата и сопствената смртност. Според International End of Life Doula Association, овие лица обезбедуваат емоционална, психолошка, духовна и практична поддршка.
Кидман признала дека идејата ѝ се родила по смртта на нејзината мајка во 2024 година, на 84-годишна возраст.
– Додека мајка ми умираше, беше осамена, а ние како семејство можевме да направиме само толку – изјавила актерката, пренесува San Francisco Chronicle.
– Со сестра ми имаме многу деца, кариери и обврски, а сакавме да се грижиме за неа бидејќи татко ни веќе не беше жив и тогаш си помислив – посакувам да постојат непристрасни луѓе кои би биле тука само за да понудат утеха и грижа.
Таа додаде дека токму тоа ќе биде дел од нејзиниот личен развој и нешто што планира да го научи.
Инаку, актерката неодамна се појави во проектите „Scarpetta“ и „Margo’s Got Money Troubles“, а до крајот на годината се очекува и продолжението на „Practical Magic“.
Кидман не е единствената од Холивуд што покажува интерес за ова. Режисерката Клои Жао, позната по филмот Hamnet, исто така се обучувала за дула на смртта. Таа открила дека цел живот се плашела од смртта, па токму тоа ја мотивирало да развие поздрав однос кон неа.
– Толку ме плашеше што не можев ни да живеам целосно. Затоа морав да најдам начин да се соочам со неа – изјавила Жао.