ПАПАТА МУ ВОЗВРАТИ НА ТРАМП ДЕКА НЕ СЕ ПЛАШИ Трамп не сака поглавар кој смета дека е прифатливо Иран да има нуклеарно оружје
Папата Лав XIV денеска ги отфрли острите критики што американскиот претседател Доналд Трамп ги упати на негова адреса по изјавите за војната на САД и Израел во Иран, порачувајќи дека повиците на Ватикан за мир и помирување се длабоко вкоренети во Евангелието и дека тој не се плаши од администрацијата на Трамп.
„Да се стави мојата порака на исто ниво со она што претседателот се обиде да го направи овде, мислам дека не покажува разбирање за пораката на Евангелието“, изјави папата, додавајќи дека му е жал за таквите коментари, но дека ќе продолжи со она што го смета за мисија на Црквата во денешниот свет.
In response to a personal attack by President Donald Trump the night before, Pope Leo told journalists on the papal plane to Algeria:
“I have no fear of the Trump administration or speaking out loudly of the message of the Gospel, which is what I believe I am here to do, what… pic.twitter.com/zV6FuacGSM
— Courtney Mares (@catholicourtney) April 13, 2026
Првиот папа роден во САД нагласи дека неговите општи апели за мир и критиките за „илузијата на семоќност“ не се директен напад врз Трамп, туку укажување на факторите што го поттикнуваат конфликтот во Иран и другите судири ширум светот.
Трамп претходно упати исклучително остар напад преку социјалните мрежи и пред новинарите, велејќи дека поглаварот на Католичката црква „не си ја врши добро работата“, дека е „многу либерална личност“ и дека треба „да престане да ѝ се додворува на радикалната левица“.
Трамп објави слика генерирана со вештачка интелигенција на која е прикажан со светителски ореол во библиска облека. Оваа ескалација се случува во моменти на кревок прекин на огнот, додека папата, кој денеска пристигна во Алжир, порача дека Бог „не ги слуша молитвите на оние што водат војна, туку ги одбива бидејќи нивните раце се полни со крв“.
Американскиот претседател Доналд Трамп упати остри критики кон папата Лав XIV, нарекувајќи го „ужасен“ во надворешната политика и „слаб во борбата против криминалот“. Во објава на платформата „Трут соушал“ (Truth Social), Трамп дополнително ги заостри односите со Ватикан.
Трамп ги критикуваше ставовите на папата за глобалните конфликти, наведувајќи дека не сака поглавар кој смета дека е прифатливо Иран да поседува нуклеарно оружје или кој се спротивставува на американските акции против Венецуела.
Тој го обвини Лав XIV и за усогласување со неговите политички противници. Американскиот претседател сугерираше дека изборот на папата бил под влијание на неговото американско потекло, додавајќи дека Лав XIV треба да биде „благодарен“.
Коментарите на Трамп следуваат по проповедта на папата од саботата во базиликата „Свети Петар“, во која повика на прекин на војните и побара од светските лидери да ја запрат ескалацијата. „Доста со демонстрација на сила! Доста со војна!“, порача папата.
Лав XIV, кој предводи околу 1,4 милијарди католици, предупреди на „илузијата на семоќност“, а во последните денови ги засили критиките кон конфликтот со Иран, оценувајќи ги заканите кон оваа земја како „целосно неприфатливи“.
САД и Израел започнаа масовни напади врз Иран на 28 февруари, по што Техеран возврати со напади низ Блискиот Исток. Во моментов во сила е кревко примирје.
Папата, кој е првиот поглавар на Католичката црква роден во САД, често се профилира како критичар на надворешната политика на Трамп.