ЗА ТРИ МЕСЕЦИ 88,6 МИЛИОНИ ЕВРА СЕ ВЛОЖЕНИ ВО АВТОПАТИТЕ Раст на градежните активности на патиштата за 40%
Реализацијата на капиталните инвестиции на Министерството за транспорт, на што сум особено горд е преку 70%, вели министерот за транспорт, Александар Николоски.
Бројот на работници на автопатските делници кои ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ не само што не е намален, туку е и зголемен, имаме раст на градежните активности за 40% на автопатските делници, а реализацијата на капитални инвестиции на Министерството за транспорт е над 70%, што претставува рекорд во историјата на државата и на ниво на Влада, вели заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
– Во однос на активноста, изградбата на вакви проекти не е прашање на визуелизација, туку е прашање на факти и бројки. Споредбено, декември 2024 година биле завршени работи во вредност од 10,7 милиони евра, декември 2025 година, работи во вредност од 19,1 милион евра, скоро 9 милиони евра повеќе. Понатаму, јануари 2025 година 9,7 милиони евра, јануари 2026 година 12,2 милиони евра, февруари 2025 година 8,5 милиони евра, февруари 2026 година 13 милиони евра, што е сериозен скок. Тоа го покажува и Заводот за статистика, третиот квартал лани градежништвото имаше раст од 21%, а четвртиот квартал имаше 16,7% – рече Николоски во гостување на Канал 5.
Реализацијата на капиталните инвестиции на Министерството за транспорт, на што сум особено горд е преку 70%, додаде тој.
– Се надевам дека со ребалансот ќе имаме и дополнителни средства, затоа што овие средства до ребаланс ние ќе ги потрошиме, што е добро за државата, затоа што нашите средства се најискористени во смисла на раст – потенцира Николоски.