ЕУ ЌЕ ТРОШИ 211,5 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВО 2027 ГОДИНА Европскиот парламент го усвои буџетот

Буџетот предвидува 199,7 милијарди евра за преземање обврски и 211,5 милијарди евра за плаќања, а европратениците обезбедија и над 300 милиони евра дополнителни средства за истражувања, образование, инфраструктура и хуманитарна помош.

0

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, денеска го потпиша буџетот на Европската Унија за 2027 година, со што тој официјално беше усвоен по претходното одобрување од европратениците на пленарната седница во Стразбур.

Парламентот го одобри буџетот со 406 гласа „за“, 184 „против“ и 69 воздржани.






Според Европскиот парламент, буџетот предвидува вкупно 199,7 милијарди евра за преземање обврски и 211,5 милијарди евра за плаќања.

Ова е последниот годишен буџет во рамките на повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот од 2021 до 2027 година, а ќе почне да се применува од 1 јануари 2027 година.

За време на преговорите со земјите членки на ЕУ, европратениците обезбедија повеќе од 300 милиони евра дополнителни средства над првичниот предлог на Европската комисија. Парите се наменети за приоритетни области, меѓу кои истражувањата, транспортните и енергетските мрежи, образованието, цивилната заштита и хуманитарната помош.

Дополнителните средства вклучуваат 21,5 милиони евра за истражувачката програма „Хоризонт Европа“, 22,5 милиони евра за транспортните и енергетските мрежи, 14 милиони евра за програмата „Еразмус+“ и 13,5 милиони евра за Механизмот на ЕУ за цивилна заштита.

Договорот предвидува и зголемување на средствата за хуманитарна помош, управување со границите, миграциската политика, програмите за соседството и безбедносните капацитети на институциите на ЕУ.

Европскиот парламент и Советот на ЕУ го усогласија буџетот за време на преговорите на 11 ноември. Советот формално го одобри на 23 ноември, по што следуваше конечното гласање во Парламентот.

Поврзани содржини