РАЗГОВАРАВ СО БИБИ, ЌЕ НАМАЛИ МАЛКУ, ВЕЛИ ТРАМП Нетанјаху најави „преговори под оган“ во Либан

Шефот на САД призна дека побарал од премиерот на Израел да намали со нападите врз Либан. Премиерот на Израел најави нови напади откако претходно изјави дека земјата ќе започне директни преговори со Либан.

436

Американскиот претседател Доналд Трампза медиумите потврди дека побарал од израелскиот премиер да намали со нападите врз Либан.

– Разговарав со Биби и тој ќе намали со нападите. Мислам дека треба да бидеме малку повоздржани – изјави Трамп во врска со денешните израелски напади врз Либан во кои загинаа над 200 лица.






Тој додаде дека Израел ги намалува операциите во Либан.

Во меѓувреме Иран се закани со силен одговор за нападите кои ги нарече прекршување на примирјето.

Нетанјаху најави преговори, па нови напади

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, во видео обраќање порача дека нападите продолжуваат. Неговата изјава откако часови претходно изјави дека Израел ќе започне преговори со Либан за разоружување на паравојската Хезболах.

– Нема прекин на огнот во Либан. Продолжуваме силно да го удираме Хезболах и нема да застанеме додека не ја вратиме вашата безбедност – додаде тој.

Од друга страна, либански функционер изјави дека Либан бара привремен прекин на огнот за да се овозможат пошироки преговори со Израел.

„Ист модел како со Иран“

Функционерот, кој не беше именуван, за Ројтерс рече дека Либан во последните 24 часа се залагал за привремен прекин на огнот, што би бил „посебен пат, но ист модел“ како и кревкиот прекин на огнот постигнат со посредство на Пакистан меѓу САД и Иран.

Функционерот рече дека не е одреден датум или локација за преговорите, но дека на Либан му се потребни САД како посредник и гарант за каков било договор. Во исто време, друг неименуван либански функционер за Си-Ен-Ен изјави дека нема да има „преговори под оган“ како одговор на планот на Израел да започне директни разговори со цел прекин на непријателствата.

Израел понудил воздржаност?  

Според Јерусалем пост потпретседателот на САД Џеј Ди Венс изјавил дека Израел се понудил да се воздржи во нападите во Либан за да се промовира прекин на огнот во Иран.

Европските лидери, пак, го повикаа Либан да се приклучи на ограничен прекин на огнот.

Нападите врз Либан доаѓаат ден откако САД и Иран објавија дека постигнале двонеделно примирје. Според американската страна примирјето нег го вклучува конфликтот на Либан кој Трамп го нарече „посебен конфликт“.

Во меѓувреме траат преговорите меѓу Вашингтон и Техеран. За в петок е закажана првата средба во Исламабад на покана од пакистанските власти.

Поврзани содржини