ОДЛОЖЕНА ЈАВНАТА РАСПРАВА ВО АПЕЛАЦИЈА ПО ЖАЛБИТЕ НА УБИЈЦИТЕ НА ВАЊА ЃОРЧЕВСКА И НА ПАНЧЕ ЖЕЖОВСКИ Осудениот Боре Видевски е на болничко лекување
Бранителот Бојан Манев рече дека Видевски е задржан на лекување на Клиниката за нефрологија поради тоа што има континуирана потреба од дијализа.
Одложена е јавната расправа во Апелацискиот суд на која требаше да се разгледуваат жалбите за пресудените казни доживотен затвор за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, извршени во ноември 2023 година, како и жалбата на Јавното обвинителство за ослободителната пресуда на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
Судечкиот совет извести дека стигнал допис од болница дека осудениот Боре Видевски е на лекување, поради што судењето ќе се одложи. Нов термин е 11.5.2026 година во 9.30 часот.
Неправосилно осудените не беа спроведени од притвор.
Судиите го прашаа адвокатот на Видевски, Бојан Манев за неговата здравствена состојба. Бранителот рече дека тој е задржан на лекување поради неговите параметри на креатин, кои се 10 пати над нормалните, поради што има континуирана потреба од дијализа.
Потоа даде изјава пред судот, во која нагласи дека Видевски не добива соодветна нега во притворот во Шуто Оризари.
– Видевски не можеше денеска да присуствува затоа што неговата здравствена состојба е до толку влошена, што пред два дена изгубил свест во притворското одделение во истражниот затвор Скопје, поради тоа што тој живее со еден бубрег, кој му е пресаден. Не е лекуван континуирано во затворски услови, затоа што таму и нема услови да биде лекуван, оти има потреба од дијализа. Тој бил однесен на лекар во август 2025 година, па потоа дури на 17 март оваа година. Според параметрите, неговиот креатин, ако нормална вредност е од 50 до 100, неговата беше 600, а пред два дена му била 850. Во таква состојба тој се онесвестил во притворот, по што е однесен на Клиниката за нефрологија во Скопје и во моментов е на болничко лекување – рече Манев.
На новинарско прашање дали адвокатот ќе обезбеди согласност од Видевски да не мора да присустува, за да не се одлагаат натамошните рочишта, бранителот рече дека ќе се обиде да обезбеди согласност.
– Но, овде проблемот е системски, затоа што доколку тој има соодветен болнички медицински третман, ќе нема проблем да присуствува на рочиштата. Тој моментално е со мерка притвор. Но, притвор е и Шутка, но и болнички притвор и домашен притвор. Ако има соодветен болнички третман, тој ќе присуствува на рочиштата во Апелација. Не е проблем да се обезбеди согласноста – рече Манев.
На прашање дали со ова се обидуваат да издејствуваат куќен притвор за Видевски, Манев рече дека притворот е мерка за обезбедување присуство и дека таа мерка може да се издржува и во болница и во домашни услови. Додаде дека институциите можат да го контролираат секој вид притвор, а присуството на Видевски може да биде обезбедено.
– Не може да има соодветно лекување во затворскиот притвор, колку и да тврдат дека тој е континуирано лекуван, не е. Ако му дале по некој антибиотик или му зеле крв во притворот, тоа не е континуирано лекување – рече Манев.
За грабнувањето и за суровото убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, извршено со пиштол на 27 ноември 2023 година во месноста Бразда на Скопска Црна Гора и за убиството на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, Кривичниот суд во јуни 2025 година ги осуди на доживотен затвор Љупчо Палевски Палчо, како директен извршител и Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев како негови помагачи. Обвинителството го гонеше и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски дека им помагал на грабнувачите со тоа што им оддал информации кога неговата ќерка ќе оди сама на училиште, но судијата Ивица Стефановски го ослободи од обвинението затоа што ЈО не го докажа тоа. Неправосилно осудените Палевски, Манев, Видевски и Кешишев добија ослободителни пресуди за делото грабнување на Жежовски, затоа што според Судот, Обвинителството не приложи јасни докази за тој дел од обвиненито.
Обвинението го застапуваа Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Диммитровска.
На судењето делото го признаа Манев и Кешишев, а првообвинетиот Палевски и Видевски го негираа.
Пиштолот со кој се извршени убиствата до денеска не е пронајден, а во процесот не беа точно расчистени ниту мотивите за убиството на детето, за кое Манев сведочеше дека ја грабнале по грешка, односно таргет им било друго лице.