АПЕЛАЦИЈА ЈА ПОТВРДИ ОСЛОБОДИТЕЛНАТА ПРЕСУДА ЗА ГРУЕВСКИ ЗА „ТАЛИР 2“ Нема злоупотреби при изградбата на партиското седиште

При постапувањето и одлучувањето судот оцени дека преземените дејства од страна на обвинетиот Н.Г. како одговорно лице во правното лице, се во рамките на неговите овластувања и не се изведени докази од страна на Основното јавно обвинителство Скопје дека постапувањето на обвинетиот е спротивно на Законот за финансирање на политичките партии, соопшти Апелацискиот суд Скопје.

0

Апелацискиот суд Скопје информира дека по одржана нејавна седница по кривичниот предмет, во јавноста познат како „Талир 2“, донесе пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје ја одби како неоснована и ја потврди ослободителната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје за поранешниот премиер Никола Груевски.

Пресудата на Апелација е донесена по одржана нејавна седница на 26 август и по разгледување на списите на предметот, а имајќи го предвид и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје.






Предметот е во врска со изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје.

„При постапувањето и одлучувањето судот оцени дека преземените дејства од страна на обвинетиот Н.Г. од С., како одговорно лице во правното лице, се во рамките на неговите овластувања и не се изведени докази од страна на Основното јавно обвинителство Скопје дека постапувањето на обвинетиот е спротивно на Законот за финансирање на политичките партии. Во текот на постапката ОЈО Скопје, како овластен тужител, не докажал надвор од разумно сомневање дека ГП „Бетон“ имало својство на субјект кој во моментот на склучување на договорите со политичката партија вршел јавни услуги во смисла на горенаведениот закон, така што не постоела законска забрана за донирање средства од негова страна на политичката партија ниту, пак, постоела обврска на обвинетиот како одговорно лице на политичката партија тие средства да ги врати“, се вели во соопштението од Апелација.

Одлуката на Апелацискиот суд Скопје, по конкретниот предмет, ќе биде достапна во целост на веб-страницата на судот, во согласност со Законот за судовите и Законот за управување со движењето на предметите во судовите, за што јавноста ќе биде дополнително известена.

Основниот кривичен суд Скопје на 14 јули годинава го ослободи од обвинение поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Талир 2“ за пречекорување на службените овластувања и противправно финансирање на изградбата на партиското седиште.

Поврзани содржини