ВЕТЕР СО БРЗИНА НАД 120 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС НАПРАВИ ГОЛЕМИ ШТЕТИ ВО ХРВАТСКА Оштетени 40 училишта и 24 градинки во Загреб
Силниот ветер откорна десетици дрвја во Загреб, наставата во училиштата беше откажана.
По силното невреме што вчера го погоди Загреб и делови од Хрватска, премиерот Андреј Пленковиќ апелираше до граѓаните да ги следат упатствата и вети помош за санирање на штетите.
– Апелирам до сите да ги следат упатствата. Ќе му помогнеме на градот во санирањето на штетите, како и секогаш. Има голема штета. За среќа, никој не е повреден, нема жртви. Ви благодарам на сите што помагате во ублажување на штетите – рече Пленковиќ.
Речиси цела Хрватска ја зафати силно и опасно невреме, со налети на ветер до 120 километри на час, што уништуваше сè пред себе.
Во Загреб бие оштетени многу објекти и згради, неколку лица беа повредени, едно потешко, изјави претходно денеска градоначалникот Томислав Томашевиќ. Тој додаде дека невремето предизвикало огромна штета во самиот Загреб и на градските гробишта Мирогој.
Силниот ветер откорна десетици дрвја во градот.
„Поради исклучително тешките услови, влажниот снег и силниот ветер кој сè уште ги урива дрвјата, престојот во Медведница и зелените површини на градот Загреб и работата на отворено претставуваат сериозна опасност по животот“, предупреди претпријатието Хрватски шуми.
Во повисоките делови на Медведница моментално има околу половина метар снег, додека на некои локации снежните наноси се високи до еден метар, соопшти претпријатието.
Во невремето беа оштетени 40 основни и средни училишта, како и 24 градинки. Наставата денеска беше откажана во Загреб и во Загрепската жупанија поради безбедноста на учениците, објави претходно Томашевиќ.