НЕТО НАДВОРЕШНИОТ ДОЛГ ИЗНЕСУВА 4,58 МИЛИЈАРДИ ЕВРА Повеќе од 70% од нето долгот е приватен

На крајот на четвртиот квартал од 2025 година, бруто надворешниот долг изнесува 12,20 милијарди евра и забележа квартално зголемување од 34 милиони евра.

91

Нето надворешниот долг заклучно со декември 2025 година изнесувал 4,58 милијарди евра или 27,1% од БДП, објави Народната банка.

Според податоците од централната банка, нето надворешниот долг во четвртиот квартал од 2025 година е зголемен за 102 милиона евра или за 2,3% и е резултат на кварталното зголемување на обврските.






Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 71%.

Во четвртиот квартал од 2025 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 25 милиони евра и изнесува 8,75 милијарди евра, што претставува 51,6% од БДП за 2025 година.

Најголемиот дел од овој износ (97%) се нето-обврски врз основа на директните инвестиции, од кои 70% се
врз основа на сопственичкиот капитал.

На крајот на четвртиот квартал од 2025 година, бруто надворешниот долг изнесува 12,20 милијарди евра или 72% од БДП и забележа квартално зголемување од 34 милиони евра.

Оваа квартална промена е резултат на зголемените обврски на приватниот за 124 милиони евра  и на јавниот долг за 20 милиони евра.

Растот на приватниот долг се должи на зголемениот долг на приватните банки (за 202 милиона евра), при пад на долгот на капитално поврзаните субјекти (за 77 милиони евра) и на небанкарскиот приватен сектор (за 1 милион евра).

Кварталното зголемување на јавниот надворешен долг од 20 милиони евра е резултат на зголемувањето на долгот на јавните банки и јавните претпријатија (за 24 милиони евра), во услови на намалување на долгот кај секторот „држава“ (за 4 милиони евра) и кај централната банка (за 1 милион евра).

Бруто надворешните побарувања се намалија за 68 милиони евра и изнесуваат 7,61 милијарди евра и забележаа квартално намалување од 68 милиони евра.

Поврзани содржини