НА ИРАН ЌЕ МУ СЕ УКИНАТ СИТЕ САНКЦИИ АКО СЕ ОТКАЖЕ ОД НУКЛЕАРНИТЕ КАПАЦИТЕТИ Еве кои се 15-те точки од планот на САД за крај на војната
Иран треба да го предаде целиот збогатен нуклеарен материјал, да ги демонтира своите нуклеарни капацитети, да го ограничи бројот и дострелот на своите ракети, а САД и Израел ќе му помогнат да развие цивилна нуклеарна програма во Бушер за производство на електрична енергија.
Соединетите Американски Држави преку Пакистан му предадоа план од 15 точки на Иран за крај на војната, објавија Њујорк тајмс, Ројтерс и израелскиот Канал 12, повикувајќи се на неименувани извори.
Пакистан претходно понуди да биде домаќин на мировни преговори меѓу завојуваните страни.
Повикувајќи се на три неименувани извори, Канал 12 наведува дека планот е структуриран слично на оние што ги користеа САД во Газа и Либан.
Њујорк Тајмс пишува дека планот му бил доставен на Иран преку Пакистан, но додава дека не е јасно дали Израел го поддржува.
Ројтерс, исто така, цитираше еден извор во известувањето за планот.
Израелскиот амбасадор во ОН, Дени Данон, рече дека, според неговите сознанија, Израел нема да учествува во наводните разговори меѓу САД и Иран што се закажани да се одржат во Пакистан подоцна оваа недела.
– Додека зборуваме, Израел и САД продолжуваат да напаѓаат воени цели во Иран и ние ќе продолжиме да го правиме тоа – изјави тој за новинарите во ОН.
Тој додаде дека нападите „постигнале многу, но не сè“.
Канал 12 објави што наводно сочинуваат тие 15 точки:
1. Иран ќе ги демонтира своите нуклеарни капацитети;
2. Иран ќе се обврзе да не развива нуклеарно оружје;
3. Иран нема дополнително да збогатува нуклеарен материјал;
4. Целиот збогатен материјал ќе биде предаден според распоред утврден од САД, Израел и Иран;
5. Нуклеарните постројки во Натанц, Исфахан и Фордо ќе бидат затворени;
6. Меѓународната агенција за атомска енергија ќе добие пристап до сите информации за програмата на Иран;
7. Иран ќе го напушти моделот на дејствување преку посреднички групи;
8. Иран ќе престане да ги финансира и вооружува таквите групи во регионот;
9. Ормутскиот теснец ќе остане отворен како слободна поморска зона;
10. Иран ќе го ограничи бројот и дострелот на своите ракети;
11. Понатамошната употреба на ракети ќе биде дозволена исклучиво за самоодбрана;
12. Сите санкции против Иран ќе бидат укинати;
13. Иран ќе добие помош во развојот на цивилна нуклеарна програма во Бушер;
14. Заканата за повторно воведување санкции ќе биде укината;
15. САД и Израел ќе му помогнат на Иран да развие цивилна нуклеарна програма во Бушер за производство на електрична енергија.