ИРАН НИ ДАДЕ МНОГУ ГОЛЕМ ПОДАРОК, ВРЕДЕН ОГРОМНА СУМА ПАРИ Тоа значи дека разговарам со вистинските луѓе, оптимистичен е Трамп
Во преговорите со Иран учествуваат потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио, рече денеска американскиот претседател Доналд Трамп.
Соединетите Американски Држави водат преговори со Иран и Техеран сака да постигне договор, рече денеска американскиот претседател Доналд Трамп.
– Разговараме со вистинските луѓе и тие навистина сакаат да постигнат договор – рече Трамп во обраќање пред новинарите во Белата куќа.
Во преговорите со Иран, додаде, учествуваат потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио.
– Тие би сакале да постигнат договор. А, кој не би го сторил тоа во нивна позиција – рече тој.
Ги повтори претходните тврдења дека Иран повеќе нема морнарица, воздухопловни сили и комуникациски системи и ја нарече операцијата на САД како огромен успех.
– Најголемиот проблем за Иран е тоа што неговите комуникациски системи се уништени – рече претседателот.
Според него, иранскиот режим веќе се согласил со фактот дека земјата никогаш нема да има нуклеарно оружје.
– Сите нивни лидери се убиени, потоа се состанаа за да изберат нови, а ние ги убивме и нив. Сега имаме нова група, ќе видиме како ќе излезе – вели Трамп.
Посочи дека нападите меѓу САД и Израел довеле до промена на режимот и додаде дека, сепак, не верува никому.
Трамп рече дека Иран им дал на САД многу значаен подарок поврзан со нафтата и гасот и Ормускиот Теснец, но не даде повеќе детали.
– Ќе постигнат договор. Вчера направија нешто неверојатно. Ни дадоа подарок, а подарокот пристигна денес. Беше многу голем подарок вреден огромна сума пари. Нема да ви кажам каков беше подарокот, но беше многу значајна победа. Тоа за мене значеше едно, дека разговарам со вистинските луѓе. Тоа не е поврзано со нуклеарното прашање. Поврзано е со нафтата и со гасот. И беше многу убаво нешто што тие го направија – рече американскиот претседател.
На прашањето колку е оптимист во врска со мировниот договор, кратко одговори дека„ оваа војна е добиена“.