ПОЧИНА АКТЕРКАТА ОД СУПЕРМЕН Валери Перин долго се бореше со Паркинсонова болест

Валери Перин, ѕвездата на „Супермен“ и номинирана за Оскар за улогата во филмот „Лени“, почина на 82-годишна возраст по долга борба со Паркинсоновата болест.

50

Американската актерка Валери Перин, која беше номинирана за Оскар за филмот „Лени“, а на публиката ѝ беше најпозната како госпоѓица Тешмахер во „Супермен“, почина на 82-годишна возраст во Беверли Хилс, пренесува „Варајети“.

Таа имаше долга борба со Паркинсоновата болест, а веста за нејзината смрт ја сподели нејзината пријателка Стејси Саутер на Фејсбук.






– Со голема тага објавувам дека Валери нè напушти. Таа се справи со својата болест со храброст и достоинство. Светот е посиромашен без неа – напиша Саутер, додавајќи линк до кампања на GoFundMe за трошоци за погреб.

Желбата на актерката беше да биде погребана на гробиштата Форест Лоун, а нејзината долга борба со болеста ја остави во тешка финансиска состојба.

Родена во Галвестон, Тексас, Перин била танчерка во Лас Вегас пред да се сврти кон глумата. Своето филмско деби го имала во 1972 година во адаптацијата на романот „Кланица пет“, а нејзината улога како Хани Брус во филмот од 1974 година „Лени“, покрај Дастин Хофман, ја катапултирала кон слава и ѝ донела номинација за Оскар.

Таа добила широка популарност како Ив Тешмахер во филмовите „Супермен“ и „Супермен II“, каде што ја игра асистентката и партнерката на Лекс Лутор, а во една незаборавна сцена го спаси Супермен од криптонит.

Таа била позната и по своите смели и контроверзни потези – се појавила гола во телевизиското шоу „Steambath“ во 1973 година, а ги красела и насловните страници на „Плејбој“ во 1972 и 1981 година.

По големиот успех, таа продолжила да гради кариера во филмот и телевизијата, а последен пат се појавила во 2014 година во филмот „Silver Skies“.

Поврзани содржини