ОСНОВНАТА КАМАТНА СТАПКА ОСТАНУВА 4% Народна банка е внимателна поради неизвесноста од кризата на Блискиот Исток
Според НБ, евентуалното подолго времетраење, како и проширување на воените дејства ќе предизвикаат подолготрајни нарушувања на пазарот на енергенси, посилно зголемување на нивните цени, пролонгирана неизвесност, раст на општото ценовно ниво и полоши економски изгледи.
Народната банка (НБ) го задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, во согласност со најновите движења кај главните макроекономски показатели и проценетите надворешни и домашни ризици.
Извршниот одбор за монетарната политика на НБ на денешната седница ја задржа основната каматна стапка на нивото од 4% а како главна причина за тоа ја наведе зголемената светска неизвесност и непредвидливост, предизвикана од воениот конфликт на Блискиот Исток.
Одборот оценува дека првичните ефекти од конфликтот се видливи преку нарушувањето на снабдувањето со нафта во светот и растот на цените на енергенсите, но севкупните ефекти врз светската економија се условени од интензитетот и времетраењето на конфликтот на Блискиот Исток.
– Евентуалното подолго времетраење, како и проширување на воените дејства ќе предизвикаат подолготрајни нарушувања на пазарот на енергенси, посилно зголемување на нивните цени, пролонгирана неизвесност, раст на општото ценовно ниво и полоши економски изгледи – велат од НБ.
Во домашната економија, инфлацијата и натаму забавува во согласност со очекувањата, а годишната стапка на инфлација се сведе на 2,9% во февруари. Значително забавување бележи и базичната компонента на инфлацијата, којашто е послаба од очекувањата.
-Наспроти досегашниот поволен тренд кај домашната инфлација, ризиците околу нејзината идна динамика се зголемени. Тие се поврзани со последните воени случувања и прекините во снабдувањето со енергенти од земјите од Заливот. Пазарните оцени за цените на нафтата во следниот период се ревидирани поизразено во нагорна насока, на кус рок. Подолгорочните ефекти врз светските цени, а со тоа и врз домашната инфлација се условени од силината и времетраењето на воените дејства на Блискиот Исток – велат од НБ..
На крајот на февруари 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.558 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 годинашто, според сите релевантни меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви, се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута.
Во изминатата година, домашната економија се покажа генерално отпорна на неизвесното и променливо надворешно окружување и забележа забрзан економски раст, под влијание на домашната инвестициска активност, но и на солидниот извоз, а остварувањата се во согласност со проекциите.
Движењата во монетарниот сектор и натаму се солидни. Податоците за депозитите и кредитите на банките во февруари 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките. Кредитната активност и натаму расте, но забавено, умерено над очекувањата за првиот квартал од годината.
Одборот одлучи на утрешната аукција, како што соопштија од централната банка ќе записи, ќе се понудат записи во износ од 36 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа.
-Досегашните измени во задолжителната резерва, макропрудентните мерки поврзани со критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица, како и одлуките за управување со системските ризици, обезбедуваат дополнителна поддршка за претпазливата поставеност на монетарната политика – велат од НБ.