НАУЧЕНОТО ОД ПРЕТХОДНИТЕ КРИЗИ ТРЕБА ДА СЕ ПРИМЕНИ ВО СЕГАШНАТА Славески апелира да не се занемаруваат шоковите на понудата кога се долготрајни
Гувернерот рече и дека монетарната политика не функционира во вакуум, а неодамнешните кризи покажале колку е важна ефективната координација со фискалната политика.
Централните банки во изминатите пет години успешно се справија со исклучително тешки ситуации. Сега сме во завршната фаза на намалување на инфлацијата и создадовме мошне значаен простор во политиките за справување со идни шокови. Сепак, бидејќи мирни води сè уште не се на повидок, мора да останеме внимателни на повеќе фронтови.
Ова го изјави денеска гувернерот на Народната банка Трајко Славески на отворањето на Конференцијата на високо ниво на тема „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост“, што се одржува во Скопје во организација на Народна банка, со поддршка на Европскиот форум за европски пари и финансии (SUERF – The European Money and Finance Forum).
Гувернерот вели дека во новонастанатите геополитички шокови Централните банки мора цврсто да се придржуваат до тешко научените лекции од минатите кризи.
– Прво, не треба премногу лесно да ги игнорираме шоковите од страната на понудата – особено кога тие се покажуваат како долготрајни. Второ, мора да продолжиме да градиме силни заштитни механизми за справување со идни нарушувања. Предизвиците дополнително се усложнуваат од фактот што геополитичките турбуленции се одвиваат паралелно со сеопфатна технолошка трансформација: брзата дигитализација на финансискиот сектор и пробивите во вештачката интелигенција. Иако овие развои носат огромен потенцијал за зголемување на економскиот капацитет, мора внимателно да ги следиме и можните несакани последици – порача Славески.
Според Славески сега фокусот е на зајакнатите трговски и геополитички тензии по неодамнешната ескалација на конфликтот со Иран и нарушувањата во Ормускиот теснец.
-Пред сè, мора да продолжиме да ја уверуваме јавноста дека и покрај комплексноста на околината, централните банки остануваат цврсто посветени на ценовната стабилност. Ова не е само формална заложба на хартија, тоа е темел на одржливиот раст, финансиската стабилност и поширока општествена кохезија. Во ера на испреплетени кризи, нејзиното зачувување е и потешко и поважно од кога било – рече Славески.
Гувернерот рече и дека монетарната политика не функционира во вакуум, а неодамнешните кризи покажале колку е важна ефективната координација со фискалната политика.
– Со повторно зголемување на ризиците, клучна е конзистентна и усогласена комбинација на политики за зачувување на ценовната стабилност, стабилизирање на очекувањата и заштита на економијата. Фискалната поддршка е особено значајна, таа испраќа силен сигнал за нашата заедничка посветеност кон макроекономска отпорност во услови на тековни и идни шокови – посочи Славески.
За да изградиме вистинска отпорност, додаде гувернерот, мора да им дадеме приоритет на кредибилната монетарна политика, силните и добро капитализирани банки, ефективните макропрудентни рамки и внимателните фискални позиции. Исто така, посочи, треба да се инвестираме во технолошка подготвеност.
-Централните банки докажаа дека можат да дејствуваат решително, да ја намалат инфлацијата, да ја зачуваат финансиската стабилност и да ја одржат довербата на јавноста дури и во најтешки услови. Но неизвесноста повторно се врати и не смееме да си дозволиме самозадоволство. Како што вели старата поморска изрека: „Брод без сидро е препуштен на милост и немилост на морето.“ Во овие турбулентни глобални промени, нашата цврста посветеност на стабилноста останува нашето сидро – нагласи Славески.
Тој истакна дека стабилноста може да се обезбеди само преку силни, независни и одговорни институции, политиките мора да се водат од економските фундаменти, а не од краткорочни политички притисоци.
– Неодамнешните емпириски анализи на ММФ го потврдуваат ова: во земјите каде што централните банки се соочуваат со политичко мешање, реалните каматни стапки се намалуваат за 1,6 процентни поени, девизните курсеви депрецираат за 3,1%, а инфлацијата и инфлациските очекувања се зголемуваат за 1,7% — во споредба со слични економии без такво мешање. Едноставно кажано, резултатите се полоши кога независноста е нарушена – нагласи Славески.
Славески вели дека додека се соочуваме со постојани надворешни ризици, финансискиот систем поминува низ брзи структурни промени и дигитални иновации.
– Овие дигитални иновации можат да ја зајакнат трансмисијата на монетарната политика, супервизијата, платните системи и финансиската инклузија. Вештачката интелигенција, особено има голем потенцијал за подобра проценка на ризик, системи за рано предупредување, креирање политики и зголемување на продуктивноста. Но, тие носат и нови ранливости: кибер ризици, оперативни нарушувања, прашања за приватност на податоците и нерегулирани производи кои можат да ја загрозат стабилноста доколку не се адресираат – порача Славески.
Гувернерот додаде дека индексот за подготвеност за вештачка интелигенција на ММФ нуди корисна референтна точка. Тој покажува дека земјите од Западен Балкан се над глобалниот просек во дигиталната и ВИ-подготвеноста, но под европскиот просек.
Славески нагласи дека и како што истакнуваат Банката за меѓународни порамнувања, клучниот предизвик во оваа ера на брзи промени е зачувување на довербата и интегритетот на монетарниот систем.
-Живееме во време на силни, спротивставени сили. Од една страна, технолошкиот напредок и дигитализацијата создаваат силен позитивен импулс. Од друга страна, геополитичките тензии, протекционизмот и стратешкото ривалство поттикнуваат фрагментација и конфликти, што особено ги погодуваат малите, отворени економии. Резултатот се нарушени трговски текови, нестабилни цени на суровините и променливи текови на капитал, што претставува закана за економската стабилност – истакна Салавески.
Во рамките на настанот ќе се одржат три панел-дискусии на кои гувернери и високи претставници на централните банки и на меѓународните финансиски институции ќе разговараат за главните предизвици за централното банкарство во услови на зголемена светска неизвесност.
Учесниците ќе зборуваат за макроекономските политики, искуствата од справувањето со светските економски шокови и улогата на економските политики во одржувањето на финансиската стабилност.