СТАРМЕР ПОВИКА УКРАИНА ДА НЕ БИДЕ ЗАБОРАВЕНА ПОРАДИ ВОЈНАТА ВО ИРАН Зеленски во Лондон се сретна и со кралот Чарлс

Британскиот премиер Кир Стармер порача дека на рускиот претседател Владимир Путин не смее да му се дозволи да профитира од војната во Иран, нагласувајќи дека меѓународното внимание мора да остане цврсто насочено кон поддршката за Киев и покрај нестабилноста на Блискиот Исток.

65

Претседателот на Украина Володимир Зеленски во рамките на својата посета на Лондон, денеска се сретна со британскиот монарх Чарлс Трети во Бакингемската палата, што е нивен четврти официјален состанок.

Двајцата лидери позираа за заедничка фотографија пред приватната средба во кабинетот на монархот, која траеше 25 минути. Се дознава дека кралот, кој претходно оддаде признание за издржливоста на украинскиот народ и изрази надеж за „праведен и траен мир“, ги повторил овие чувства лично пред претседателот на Украина.






 

Зеленски отиде во Велика Британија за да ја зајакне поддршката за својата земја, а покрај приемот кај кралот, се сретна и со премиерот Кир Стармер.

Стармер ги повика меѓународните сојузници да не дозволат фокусот врз Украина да избледи поради актуелниот воен конфликт во Иран и останатите тензии на Блискиот Исток.

– Исклучително е важно да разбереме дека мораме да го задржиме вниманието врз Украина. Очигледно е дека има војна во Иран, но тоа не смее да ги засени случувањата на украинскиот фронт – порача Стармер при пречекот на Зеленски на Даунинг стрит.

Британскиот премиер порача дека на рускиот претседател Владимир Путин не смее да му се дозволи да профитира од војната во Иран, нагласувајќи дека меѓународното внимание мора да остане цврсто насочено кон поддршката за Киев и покрај нестабилноста на Блискиот Исток.

Стармер истакна дека Москва не треба да ги жнее плодовите од зголемените глобални цени на нафтата ниту да користи придобивки од евентуалното олеснување на санкциите како последица на регионалната криза.

На средбата со Зеленски на Даунинг стрит присуствуваше и шефот на НАТО, Марк Руте.

САД привремено олабавија одредени ограничувања за руската нафта во обид да го намалат притисокот врз глобалното снабдување предизвикано од нападите врз Иран и одмаздата на Техеран кон државите од Заливот.

Зеленски, од своја страна, му се заблагодари на Обединетото Кралство за поддршката за време на „тешката зима“, во која руските сили ја гаѓаа критичната енергетска инфраструктура во екстремно студени услови.

Поврзани содржини