МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО ЌЕ ЈА „ОРА“ МАКЕДОНИЈА Тргнува кампања „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“
Тимови од институциите ќе посетат над 120 населени места за директни средби со земјоделците и разговор за проблемите и мерките за поддршка.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство започнува кампања под наслов „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“, во чии рамки тимови од институциите ќе посетат десетици општини и населени места за директни средби со земјоделците.
Планирано е два големи тима да посетат повеќе од 30 општини, додека шест помали тимови ќе обиколат над 120 населени места низ државата. Средбите со поголемите тимови ќе се одржуваат секоја среда и сабота, а помалите тимови во петок ќе имаат директни разговори со земјоделците на терен.
Помалите тимови ќе ги предводат директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Даниела Иротова, директорот на АД Водостопанство, Филип Филиповски, директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, директорот на ЈП Национални шуми, Здравко Трајанов, како и министерот за земјоделство, кој ќе предводи еден од тимовите.
Во теренските посети ќе се вклучат и претставници од повеќе институции во секторот – Управата за водостопанство, Управата за хидрометеоролошки работи, Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството, Државната фитосанитарна лабораторија и Фитосанитарната управа, како и локалните структури на Министерството.
На средбите со земјоделците ќе се разговара за проблемите со кои се соочуваат на терен, ќе се слушнат нивните предлози и идеи, а ќе бидат претставени и мерките и политиките за поддршка на земјоделството, како и резултатите од досегашната работа на Владата во овој сектор.
Од Министерството посочуваат дека земјоделците имаат клучна улога во руралниот развој, зачувувањето на традицијата и стабилноста на домашното производство на храна, поради што нивните искуства и предлози се важни при креирањето на идните политики.
Со кампањата се повикуваат и самите земјоделци активно да се вклучат во разговорите, со цел да се создадат подобри услови и посигурна иднина за македонското земјоделство.