ИНСТИТУЦИИТЕ И ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ ДОБРО СЕ СПРАВИЈА СО ТРАГЕДИЈАТА Поддршката од странство придонела да се спасат животите на повредените
На денот на трагедијата, но и деновите потоа се ангажирани околу 3.000 полициски службеници, здравствените работници добро реагирале , а војската учествувала и со сили и со добра поддршка.
Македонските институции и македонскиот здравствен систем се справи повеќе од соодветно со трагедијата во Кочани. Тоа беше заклучокот на првиот панел „Европски механизам за цивилна заштита и меѓународниот одговор: координација, солидарност и искуства“ во рамките на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, што се одржува денеска во Скопје.
– Навистина сметам дека на таква трагедија ретко која држава може да одговори максимално ефикасно, брзо и соодветно. Тоа беше ужасна трагедија и се надевам дека никогаш повторно нема да ни се случи нешто слично, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
На денот на трагедијата, но и деновите потоа, нагласи, Министерството ангажирало околу 3.000 полициски службеници, кои покрај обезбедувањето на местото на настанот, извршиле увид, ги преземале сите криминалистичко-оперативни активности поврзани со кривично-правниот настан и биле вклучени во сите дејства што следеа поврзани со спасувањето на човечки животи, транспорт на пациентите и слично.
– Вкупно 115 повредени лица беа транспортирани до странски здравствени установи, каде полициските служби продолжија да обезбедуваат поддршка. Специјални полициски сили со две медицински возила дадоа придонес за транспорт на повредени лица, беа вклучени двата хеликоптери на Министерството за внатрешни работи, граничната полиција, лица од Одделот за управни работи кои брзо ги издаваа сите потребни документи за повредените или нивните семејства, доколку некој немаше рече Тошковски.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека многу процеси се воделе преку Министерството и Армијата, а дека комуникацијата со амбасадорите, конзулите и воените аташеа овозможила да се обезбедат хеликоптери и авиони за секое дете да биде пренесено во соодветни медицински центри.
– Пред се беа воени медицински центри и најголемиот дел на прелетите се реализираа преку нашата операција… Во такви кризни состојби давате се од себе да се помогне. Треба да се направи систем кој ќе функционира. Овој систем од ЕУ FN е можеби најдоброто решение за да се направи можност како да се помага за разни видови жаришта и кризи. Но, секогаш, за жал, ќе постојат кризи. И во тој момент нам ни требаат национални ресурси како да помагаме и ни треба систем. Систем кој долго време и дали намерно низ годините бил разурнат, кој што системски треба да го градиме сите како институции, за во еден даден момент на кризи да покажеме и ние како држава дека можеме сами да се справуваме, но и да пружиме помош кон сите соседи -рече Мисајловски.
Присуството на семејствата и блиските на повредените во процесот на лекување во странство беше овозможено преку СОЗР.
– Нашата обврска беше да обезбедиме авионска карта или било каков превоз за нивните најблиски роднини и пријатели, да обезбедиме хотелско сместување во непосредна близина на болниците каде што се лекуваат. Поради таа цел отворивме еден телефонски број. Тоа е мојот службен телефон, каде што сите коишто имаат било каква потреба, а се засегнати од овој настан, да може да се јават. Имавме јавувања и прашања од различни аспекти, не само од транспорт на луѓето. Би сакал да потенцирам дека за 227 лица е обезбедено хотелско сместување, авионска карта и враќање. Извршени се 99 возења со службените возила на државата до соседните држави – рече директорот на СОЗР Ивица Томовски.
Во однос на процесот на враќање голема беше поддршката од Министерството за надворешни работи, односно конзуларните претставништва и амбасадите како логистика на терен.
– Бидејќи носите пациент на лекување не знаете кога ќе се врати. Заради тие причини многу ни беа потребни тие конзуларни претставништва да може да координираат со хотелите каде што се сместени луѓето, да имаат разум да не очекуваат од нас да им кажеме колку точно денови ќе престојуваат, бидејќи и ние не знаеме. Како што ги однесовме така и ги вративме пациентите. Можам да кажам дека има уште пациенти кои одат на дополнителни проверки во странство, заедно во координација со Министерство за здравство и здравствените работници утврдуваат кој пациент треба да продолжи со лекување во странство – рече Томовски.
Несреќата во Кочани, според директорот на ФЗОМ Сашо Клекоски, е втората најголема во модерна Македонија по земјотресот во Скопје. По број на загинати е четврта несреќа, но по број на повредени е втора.
– Тоа го кажувам, да укажам, дека Македонија, институциите и здравствениот систем се соочи со предизвик, кој се случува еднаш во 100 години, и дека во тој процес се донесоа исправни одлуки. Имаше навремена реакција на сите нивоа од локално Кочани, регионално, сите здравствени установи Штип до здравствениот систем во Скопје, имаше навремена реакција и првиот транспорт се случи само 10 часа по несреќата и првата помош стигна од соседите на кои посебно сме им благодарни. Но и нивните капацитети беа надминати и раното вклучување на европскиот механизам се покажа како важно – заклучи Клекоски.
Според него, македонските институции покажале невидено ниво на меѓу институционална координација.
За моментите во справувањето со несреќата зборуваа и директорот на ТОАРИЛУЦ, Сиен Ванломел, програмски офицер DG ECHO Центар за координација при итни ситуации и Валентина Атанасовска, од одделението за меѓународна соработка при ДЗС.
Доктор Игор Мерџановски истакна дека моментите по големите несреќи остануваат како тивок потсетник на кревкоста на животот, но и на хуманоста, солидарноста и пожртвуваноста на медицинските тимови. Тој говореше за мобилизацијата и подготвеноста да помогнат и да се борат за секој човечки живот.
Ванломел, пак, нагласи дека од најголема важност е да се има силна структура за координација на национално ниво, постапки и закони кои ќе овозможат многу брзо да се активира меѓународната помош доколку е потребна и оти е важно да се ангажираат националните капацитети и европскиот систем за заштита особено кога има лица со изгореници потребен е капацитет за да се даде првата нега.
Атанасовска ја нагласи соработката и координацијата меѓу државите за овозможување на пациентите да бидат навреме хоспитализирани и оти процесот се одвивал брзо и навреме успеале сите тешко повредени пациенти да ги транспортираат во центрите за третирање на таков тип повреди.