ТЕХЕРАН МОЖЕ ДА НАПАДНЕ И ВОЕНИ БАЗИ ВО ЕВРОПА Секоја база од каде се напаѓа Иран е легитимна цел
Иранскиот амбасадор во Обединетите нации во Женева, Али Бахреини вели дека секој објект, секоја база што се користи за напад врз Иран е легитимна цел за иранските воени сили.
Секоја воена база што се користи за напад врз Иран, вклучително и оние на европска територија, може да биде цел, предупреди иранскиот амбасадор во Обединетите нации во Женева, Али Бахреини.
– Да разјаснам, нашите воени сили објавија политика дека секој објект, секоја база што се користи за напад врз Иран би била легитимна цел за нашите воени сили – изјави амбасадорот Бахреини во интервју за „Еуроњуз“.
На прашање дали ова може да вклучува локации лоцирани во Европа, Бахреини одговори:
– Ние ќе ја браниме нашата земја според она што ни е потребно за да ја направиме безбедна и да се осигураме дека нема агресија врз нашата земја.
Бахреини негираше дека Иран нападнал цивилни локации во Персискиот Залив. Тој ги обвини САД и Израел за нападите и додаде дека Техеран гони само воени цели.
– Не можам да го прифатам тоа тврдење. Нашите воени сили добија инструкции исклучиво да ги таргетираат воените бази што ги користат САД против нашата земја – рече Бахреини во одговор на прашање за иранските напади врз цивилните области во Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и во Катар.
Амбасадорот Бахреини додаде дека „Иран испрати многу јасна порака до соседните земји дека сме пријатели, дека припаѓаме на исто семејство“.