СЕ ОГЛАСИ НОВИОТ ИРАНСКИ ВОДАЧ МОЏТАБА ХАМНЕИ Државната телевизија прочита негово соопштение, еве што порача
Израелските разузнавачки служби претходно проценија дека тој веројатно е ранет во првите напади на почетокот на војната, па засега не е познато во каква здравствена состојба се наоѓа.
Иранските власти на државната телевизија емитуваа соопштение за кое тврдат дека доаѓа од Моџтаба Хамнеи, новиот врховен водач на Иран. Во пораката се предупредува дека сите американски воени бази во регионот мора да бидат затворени, во спротивно „ќе бидат нападнати“.
Хамнеи, како што пренесува Би-Би-Си, порача дека Иран нема да се двоуми да „ја одмазди крвта на Иранците“ убиени во војната, нагласувајќи дека одговорност ќе се бара за секоја жртва.
– Ве уверувам дека нема да се воздржиме од одмазда за крвта на нашите маченици. Секој Иранец убиен од непријателот претставува посебен случај во досието на одмаздата – се наведува во пораката.
Ормускиот Теснец ќе се користи како средство за притисок
Во соопштението се истакнува дека затворањето на Ормускиот Теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта, ќе продолжи да се користи како средство за притисок врз САД и Израел.
Хамнеи исто така порача дека Иран во нападите гаѓа исклучиво странски воени бази во соседните земји, нагласувајќи дека Техеран сака пријателски односи со државите во регионот.
Воедно ги повика земјите од Персискиот Залив да ги затворат американските бази на своја територија.
Соседите да ги затворат американските бази
– Тие држави мора јасно да се определат кон оние што ја нападнаа нашата татковина и го убија нашиот народ. Им препорачувам што поскоро да ги затворат тие бази, бидејќи досега веќе требаше да сфатат дека американските ветувања за безбедност и мир беа ништо повеќе од лаги – порача тој.
Во обраќањето се заблагодари на „народот на Иран од сите слоеви на општеството кој застана против непријателот“, како и на иранските војници кои, како што рече, „со силни удари му го блокираа патот на непријателот“.
Тој исто така изрази сочувство до семејствата кои ги загубиле своите најблиски во војната и порача дека штетата ќе биде надоместена.
– Злосторствата против човештвото, особено оние извршени врз деца, нема да бидат игнорирани – се наведува во пораката.
Нападот врз училиште во Минаб го извршија САД
Хамнеи посебно го издвои случајот со градот Минаб, каде што во американски напад во близина на училиште загинале 168 лица, меѓу нив околу 110 деца.
Иран тврди дека училиштето било погодено од американска ракета, додека САД ја негираа одговорноста и соопштија дека истрагата е во тек. Сепак, првичните процени на американските воени истражители укажуваат дека нападот веројатно бил последица на американски удар заснован врз застарени разузнавачки податоци, додека конечниот заклучок сè уште не е објавен.
Не е познато во каква состојба се наоѓа
Хамнеи не се појави пред камерите, туку пораката ја прочита водител на државната телевизија. Израелските разузнавачки служби претходно проценија дека тој веројатно е ранет во првите напади на почетокот на војната, па засега не е познато во каква здравствена состојба се наоѓа.
Иранските власти не соопштија детали за евентуалните повреди ниту каде се наоѓа Хамнеи во моментов.
Објавена е и негова нова фотографија
Во меѓувреме, на официјалниот Телеграм канал на новиот врховен водач беше објавена и фотографија која, според иранските државни медиуми, го прикажува неговиот ракопис.
На фотографијата се гледа список со имињата на врховните водачи на Иран: Мојтаба Хамнеи, неговиот татко Али Хамнеи, како и првиот врховен водач на Исламската Република, Рухолах Хомеини.
Под списокот се наоѓа кратка рачно напишана порака: „Во името на Бога, Милостивиот, Семилосниот.“