📷 ИРАН ГО ПРЕТВОРИ ГПС СИГНАЛОТ ВО СУПЕРОРУЖЈЕ? Бродови се појавуваат на копно, лутаат во совршени кругови
Стотици бродови во Персискиот Залив одеднаш се појавуваат на погрешни позиции, некои дури и на копно или групирани во совршени кругови. Експертите предупредуваат дека GPS попречувањето може сериозно да ја загрози поморската навигација во Ормутскиот теснец. Иако нема официјална потврда, многу воени аналитичари се сомневаат дека зад нарушувањето стои Иран.
Необична и опасна појава се случува во водите околу Иран. Стотици бродови одеднаш се појавуваат на погрешни позиции на навигациските карти, некои дури и „на копно“, а други се групираат во совршени кругови.
Експертите предупредуваат дека станува збор за електронска војна, во која ГПС сигналите се нарушуваат или лажно се прикажуваат, што може сериозно да ја загрози поморската навигација во еден од најпрометните морски коридори во светот.
Чудни сигнали во Ормутскиот теснец
Мишел Визе Бокман, виш аналитичар во компанијата за поморска вештачка интелигенција Windward, ги анализирала сигналите на трговските бродови во регионот на Иран, Обединетите Арапски Емирати и Катар.
– О, Боже… гледам 35 различни групи – вели таа додека ги следи податоците на картата на Ормутскиот теснец.
ГПС координатите на стотици бродови очигледно се нарушени и нивната вистинска позиција е прикриена.
Во современите конфликти, битките не се водат само со ракети и бомби. Се водат и со електромагнетни бранови.
ГПС блокирањето или „спуфингот“ може да ги попречи комуникациите, да создаде хаос во навигацијата и дури да доведе до сериозни несреќи.
GPS jamming in the Strait of Hormuz.@BBC features Windward intelligence showing clusters of ships appearing in perfect circles or even on land due to disrupted GPS signals.
When ship locations become unreliable, navigation risk rises fast. https://t.co/dMEaUVVBth
— Windward (@WindwardAI) March 10, 2026
Огромен ризик за танкерите
Проблемот станува уште поопасен на море. Бродовите користат автоматски идентификациски систем (AIS) за да избегнат судири. Но, ако сигналите се нарушени, екипажите можат да изгубат прецизна слика каде се наоѓаат другите пловила.
Алан Вудворд од Универзитетот во Сари предупредува дека тоа е клучниот ризик.
– Проблемот не е што не знаете каде одите. Проблемот е што не знаете каде одат сите други – вели Вудворд.
За танкер долг 300 метри кој превезува огромни количини нафта, потребни се километри за да го промени курсот или целосно да запре. Во услови на лоша видливост или ноќе, ризикот од судир драматично се зголемува.
Кој стои зад електронската војна?
Иако нема официјална потврда, многу воени аналитичари се сомневаат дека зад нарушувањето стои Иран. Техеран претходно се закани дека ќе нападне секој брод кој ќе се обиде да помине низ Ормутскиот теснец.
Томас Витингтон од Кралскиот институт за обединети услуги смета дека Иран можеби користи домашно произведени системи или опрема набавена од Русија или Кина.
Но постои и друга можност. Американските сили во регионот би можеле да користат системи за блокирање за да ги заштитат своите бази и бродови од беспилотни летала и ракети.
Пентагон не сака да открива детали.
„Поради оперативната безбедност, нема да коментираме за статусот на поединечните капацитети во регионот“, соопшти Министерството за одбрана на САД.
„Мапирањето на ѕвездите може да помогне“
Зголеменото GPS мешање ги поттикнува компаниите да бараат алтернативи. Компанијата Raytheon UK разви систем наречен Landshield, кој може да ги филтрира пречките во сигналот.
Други технологии користат жироскопи, акцелерометри или дури и анализа на ѕвездите за да ја утврдат позицијата на возилата кога GPS сигналот е блокиран.
Крис Шо од австралиската компанија Advanced Navigation објаснува дека идната навигација ќе користи комбинација од повеќе технологии.
– Обработката на слики денес е многу напредна. Дури и мапирањето на ѕвездите може да помогне – вели тој.
Крај на ерата на „отворен ГПС“
Експертите предупредуваат дека главниот проблем на ГПС е слабоста на неговиот сигнал. Воените системи веќе користат шифрирани и заштитени верзии на ГПС, познати како „M-код“, кои се многу поотпорни на мешање од страна.
Ремзи Фарагер од Кралскиот институт за навигација смета дека сегашната криза може да ја забрза транзицијата кон побезбедни системи.
– Наскоро ќе гледаме на оваа ера на отворени GNSS сигнали и ќе помислиме дека била навистина небезбедна – предупредува тој.