НОВИОТ ЛИДЕР НА ИРАН БИЛ РАНЕТ? Иранската телевизија даде оскудни информации за синот на убиениот ајатолах

Иранската државна телевизија тврди дека Моџтаба Хамнеи бил ранет за време на конфликтот што иранските медиуми го нарекуваат „војна Рамадан“. Нови детали за неговата здравствена состојба не се соопштени, а тој сè уште не се појавил во јавноста.

2,203

Иранската државна телевизија, позната како „Гласот на Исламската Република Иран“, ја објави веста за изборот на Моџтаба Хамнеи за нов врховен водач, наведувајќи дека тој е „ранет во војната“, пренесува Taјмс оф Израел.

Водителите читаат извештаи во кои тој е опишан како „џанбаз“ или ранет од непријателот во „рамазанската војна“, што е начинот на кој медиумите во Иран го нарекуваат тековниот конфликт.






Сепак, телевизијата не даде други детали за новиот лидер на Иран. Неговиот татко, ајатолахот Али Хамнеи, како и неговата сопруга, загинаа во израелски воздушен напад врз Техеран на 28 февруари, на самиот почеток на војната.

Оттогаш Моџтаба Хамнеи не се појавил во јавноста. За нов врховен водач на Иран беше прогласен синоќа, по гласањето на исламските верски водачи, ајатоласите во Советот на експерти.

 

Илјадници поддржувачи на иранскиот режим се собраа на централниот плоштад во Техеран за да го прослават назначувањето на Моџтаба Хамнеи за нов врховен водач на земјата. Снимките од местото на настанот покажуваат толпи луѓе како носат фотографии од новиот водач и од неговиот татко, изразувајќи лојалност кон новото раководство на Исламската Република.

Според извештаите на западните агенции, илјадници луѓе се собрале утрото во центарот на иранската престолнина. Многумина носеле ирански знамиња и портрети на Моџтаба Хамнеи и на неговиот татко Али Хамнеи.

Дел од учесниците скандирале пораки на поддршка за новиот врховен водач и повикувале на единство на земјата по смртта на долгогодишниот лидер.

Моџтаба Хамнеи, син на поранешниот врховен лидер, со години се сметаше за влијателна фигура во иранскиот верско-политички естаблишмент. Неговото назначување сега ја отвора новата фаза во раководењето на Исламската Република.

И покрај јавните прослави, дел од граѓаните изразиле незадоволство. Некои од нив изјавиле дека новиот лидер е „полош од својот татко“ и дека се надеваат дека ќе ја доживее истата судбина.

Тензиите во земјата се засилија по смртта на Али Хамнеи и по воздушните напади на САД и Израел врз Иран, кои ја потресоа политичката сцена и ја зголемија неизвесноста околу идниот курс на земјата.

Поврзани содржини