ПРИСТИГНА ПРВАТА ГРУПА ЕВАКУИРАНИ ГРАЃАНИ ОД ДУБАИ Министерот Муцунски ги пречека на скопскиот аеродром

На Меѓународниот аеродром Скопје пристигна првата група македонски државјани евакуирани од Блискиот Исток со организиран лет од Дубаи. Владата најави дека во наредните денови ќе следуваат уште неколку чартер-летови за враќање на граѓаните од регионот.

1,757

На Меѓународниот аеродром Скопје пристигна авионот од Дубаи со првата група евакуирани македонски државјани. Со овој организиран лет од Обединетите Арапски Емирати почна евакуацијата на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток, која ќе се реализира со комерцијални чартер-летови.

Тие беа пречекани од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.






– Клучна и најбитна е безбедноста на граѓаните и тука не смееме да правиме компромис. Мојата цел е до крајот на оваа недела сите наши граѓани што побарале евакуација да бидат во државава – изјави Муцунски.

Над 600 македонски државјани вкупно се очекува да бидат евакуирани, иако оваа бројка, напомена министерот, може да биде променлива.

Следниот авион, дополни, треба да пристигне во вторник.

Министерот, кој ги пречека патниците директно, пред авионот, се поздравуваше со секој од нив, а на припадничките од понежниот пол им даде и по една ружа, во чест на празникот 8 Март.

Како што информира претходно денеска Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ), согласно утврдениот план и предвидената динамика, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност за враќање. Процесот е целосно координиран од МНРиНТ и дипломатско-конзуларните претставништва во регионот.

Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека се организирани чартер летови од Саудиска Арабија кои ќе ги прифатат македонските граѓани во Катар и Кувајт. Се очекува тие да пристигнат во среда.

– Деновиве се организирани вкупно четири чартер летови, со неколку десетици слободни места. Дел од државите во регионот замолија да пренесеме и нивни граѓани, да ги донесеме во Македонија – изјави денеска Мицкоски.

Последните податоци покажуваат дека Амбасадата во Доха ја контактирале 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација. Амбасадата во Абу Даби ја контактирале вкупно 585 лица кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати, како и 36 лица од Кувајт, 15 од Бахреин и 5 од Кралството Саудиска Арабија.

МНРиНТ уште еднаш ги повикува сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со надлежните дипломатско-конзуларни претставништва, а имаат потреба од евакуација или асистенција, тоа да го сторат во најкраток можен рок преку дежурните телефонски броеви на ДКП-ата или преку СОС-бројот на Министерството.

Поврзани содржини