МОЛК ИЛИ ЗАТВОР ВО ДУБАИ Инфлуенсерите бришат видеа од ракетни напади
Властите во Обединетите Арапски Емирати предупредуваат дека објавување информации, снимки или коментари за конфликтот со Иран може да се смета за кривично дело според строгите закони за сајбер криминал.
Инфлуенсерите кои живеат во Дубаи се предупредени дека може да се соочат со затворска казна доколку на социјалните мрежи објавуваат материјали поврзани со конфликтот со Иран.
Обединети Арапски Емирати ѝ порачаа на заедницата на инфлуенсери во Дубаи дека секоја содржина што се смета за штетна за „јавниот ред, националното единство и угледот на државата“ може да доведе до казни до 77.000 долари или затвор.
Една инфлуенсерка изјавила дека избришала видео на кое се гледаат остатоци од ракета што гореле пред нејзината зграда, бидејќи корисниците на социјалните мрежи „треба да бидат многу внимателни што зборуваат“, објави британскиот весник „The Telegraph“.
Кампањската група „Detained in Dubai“ соопшти дека претходно застапувала неколку странски државјани во државите од Персискиот Залив кои биле приведени или казнети поради објави на „Twitter“, „Facebook“, „Instagram“ и пораки на „WhatsApp“.
Активистите од групата предупредуваат дека многумина можеби нема да бидат сигурни дали ја преминале законската граница со објавување информации за тоа како одбранбените системи на ОАЕ пресретнале ракетни напади од Иран.
Дубаи и пошироките Обединети Арапски Емирати беа директно погодени од војната меѓу Иран и Израел, при што остатоци од соборени ракети паднаа над популарната туристичка дестинација во текот на викендот.
Во саботата навечер, остатоци од пресретната иранска ракета го погодија хотелот „Fairmont The Palm“ на „Palm Jumeirah“, популарна туристичка дестинација. Снимките покажаа пламен како се издига од атриумот на хотелот.
„Dubai International Airport“ беше погоден и во недела наутро. Имаше извештаи и за оштетувања од шрапнели на хотелот „Burj Al Arab“ и пристаништето „Jebel Ali Port“, како и на други цивилни локации во градот.
Законите за сајбер криминал во ОАЕ се меѓу најстрогите во светот, а секој коментар за регионалниот конфликт, владината политика или безбедносните прашања може да се толкува како кривично дело.
– Властите во Дубаи сакаат да го контролираат наративот, тоа е сигурно. Постојат строги правила за тоа што можете да кажете тука. Тие не сакаат да се шири паника од луѓе што шират дезинформации. Во нивен интерес е луѓето да бидат мирни и можам да го разберам тоа – изјави инфлуенсер кој побара да остане анонимен.
Инфлуенсерка со милиони следбеници на својот профил на Instagram изјавила дека го снимила видеото пред својот стан откако иранска ракета била пресретната на небото во саботата.
Сепак, таа одлучила да ја избрише снимката и да не ја објави повторно „од почитување на правилата на ОАЕ“.
– Бев изненадена кога ги видов пламените јазици. Не знаев како да се чувствувам бидејќи на почетокот не знаев што гледам. Но, сега работите се смирија, по неколку дена. Луѓето дури и се вратија на плажата. Се чувствувам прилично безбедно – додава таа.
Инфлуенсерката, која требало да лета за Лондон кога нејзиниот лет бил откажан поради судирите, додаде дека иако властите одржуваат строга контрола врз социјалните мрежи, тие обезбедиле брзи и јасни информации за тоа како да се реагира на нападите.
– Ако има каква било причина за загриженост, ќе ви кажат да одите во засолниште или што и да е. Тие знаат дека паниката не помага – рече таа.
Патниците на крузерите предупредени да молчат
На патниците заглавени на крузерите покрај брегот на Дубаи им било кажано да не зборуваат за тековните судири.
– Ни беше кажано да не зборуваме за ситуацијата на бродот. Ги видовме одбранбените авиони и чадот од нападот на аеродромот, но цело време се чувствувавме безбедно. Никој дома не може да поверува во тоа што го кажуваме – изјави Јан Арнот, патник на бродот на компанијата „Celestyal Cruises“.
Активистите од „Detained in Dubai“ наведуваат дека некои луѓе претходно биле обвинети и за фотографирање или позирање пред забранети локации.
Властите во ОАЕ се особено чувствителни на содржини за кои сметаат дека шират „лажни информации“, им штетат на дипломатските односи или ја поткопуваат националната безбедност.
Изјави на заглавени граѓани кои изразуваат страв или фрустрација поради доцнењата во евакуацијата, исто така, може да се сметаат за прекршување на правилата, предупредува групата.
Во соопштение издадено во саботата, неколку часа по почетокот на нападите на САД и Израел врз Иран, канцеларијата на јавниот обвинител на ОАЕ предупреди „против објавување или ширење гласини и информации од непознати извори преку социјалните мрежи или други технолошки средства“.
Во соопштението се додава дека ваквите предупредувања се издадени „поради последиците од ширење конфузија и загрозување на безбедноста и стабилноста на општеството“.
– Секое лице кое споделува или повторно објавува содржина од непознати извори сноси законска одговорност според важечкиот закон, дури и ако не е оригиналниот автор. Бидете свесни и информирани. Информациите се одговорност, а ширењето гласини е кривично дело – соопшти обвинителството.
Се смета дека строгите правила довеле до самоцензура кај дел од инфлуенсерите кои користат виза преку програмата „Creators HQ“, која им овозможува на креаторите на содржини да живеат во градот без потреба од спонзорство.
– Ако живеете тука, а не сте турист, ви треба дозвола за објавување содржина. Властите се толерантни на многу начини, но строги на други – изјави еден инфлуенсер.
Извршната директорка на „Detained in Dubai“, Рада Стирлинг, предупреди дека законите за сајбер криминал во ОАЕ се меѓу најстрогите во светот.
– Формулацијата на законите е намерно широка, што значи дека речиси секоја критика на владините политики или регионалниот конфликт може да се толкува како кривично дело – рече Стирлинг.
Таа додава дека во време на војна овие закони стануваат уште поопасни.
– Жителите практично се предупредени да молчат на интернет. Посетителите се особено ранливи бидејќи често претпоставуваат дека се заштитени со стандардите за слобода на говор во нивните земји. Но тоа не е случај – предупреди таа.