ТЕНЗИИТЕ ГИ ВОЗНЕМИРИЈА НАШИТЕ ГРАЃАНИ Над 150 Македонци веќе побарале помош од амбасадите
Министерството за надворешни работи соопшти дека со сите пријавени граѓани се одржува постојан контакт, а кризен штаб работи 24 часа.
Повеќе од 150 македонски државјани кои се затекнале во загрозените подрачја на Блискиот Исток ги контактирале дипломатско-конзуларните претставништва на земјава за информации околу евентуална евакуација, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Од Министерството информираат дека станува збор за граѓани кои се јавиле во амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, поради влошената безбедносна состојба во регионот.
„Со сите нив се одржува постојан контакт и, доколку се пријават за евакуација, ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање“, велат од ресорот.
Оттаму нагласуваат дека преку дежурниот телефон и дипломатско-конзуларните претставништва остануваат целосно на располагање на граѓаните.
„Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи“, апелираат од Министерството.
Поради ескалацијата на состојбите на Блискиот Исток, во Министерството од вчера функционира кризен штаб кој е достапен 24 часа за информации и поддршка на граѓаните.
ДАЛИ СТЕ ВО КАТАР, ОАЕ, КУВАЈТ ИЛИ БАХРЕИН? Владата објави итни контакти за помош