Ѓаволско двојство, или: ајде да се правиме блесави!

И целата држава се прави блесава дека не разбира што се случува, дека една „шампионска“ контрадикторна и непринципиелна групација си присвојува значење на deus ex machinа, при што граѓанинот не знае кога дотичниот „господ“ чекори низ земјата македонска како професионалец односно, научник и експерт, а кога како политичар.

214

Претпоставувам дека секој разумен граѓанин речиси целосно го разбира протестот на адвокатот искажан во судницата во која тече судењето за злосторството во кочански „Пулс“. И веројатно се согласува со него. Поточно, не можете да не се согласите со неговите констатации дека многу јавнообвинителски, но и судски одлуки во Македонија се контрадикторни односно спротивставени една на друга, дека обвинетите се многу често ставени во нерамноправна улога, дека голем дел од не само актуелните обвинителско судски проценки – барем за пошироката јавност – се произлезени од „непозната методологија“, па следствено „некои се во притвор, а некои од бегство (…) не се притвораат“, што „сериозно ја загрозува рамноправноста на обвинетите“!

Но, уште понерамноправни се оние кои со години отслужуваат високи казни додека други, за исти, слични или дури потешки кривични дела се – ослободувани.






И затоа не може човек да не се согласи со адвокатот кој вели дека се обидува да најде „дали постои дуализам, две категории на граѓани во оваа држава, едни со повластен третман и ние обичните“. Но, повторно, тоа го вели адвокатот. А вели и дека побарал и во Уставот, којшто пак укажува „дека сите граѓани сме еднакви во своите права“.

Но, од друга страна, истиот адвокат, но во улога на политичар со повеќегодишно партиско делување вели нешто сосема спротивно. Тој, имено, како и многумина пред и по него, паѓајќи во стапицата на двојството помеѓу професионалното и политичкото, искажува крајно спротивставени ставови односно се однесува целосно контрадикторно. Најмалку во три криминални случаи, сите поврзани со неговиот партиски „шеф“ Заев („Глобал“, „Пуч“ и „Поткуп“), адвокатот во улога на политичар јавно не го постави прашањето за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите на оваа држава. Или поточно: се воздржа, или „заборави“, да ја постави истата дилема како во случајот „Пулс“ vs „Груби“! И тоа е ѓаволската стапица во којашто паѓа една личност која ги вкрстува – поточно „ги меша“ – професијата со политичкото дејствување, особено кога второто е во високите политички кругови односно во онаа таканаречена политичка елита.

А таа стапица голтнала многу македонски добри професионалци а лоши политичари. Не го ставам спомнатиот адвокат во оваа група односно се воздржувам од проценки на неговото професионално делување. Но, неговото политичко однесување сведочи дека професионалната принципиелност е подредена на партиската, односно политичката – или идеолошката, како сакате – определба.

И, се разбира, не го посочувам како некаков типичен „случај“ туку само како еден инцидентно избран односно актуелен, но не и единствен таков пример кај нас. Лично сметам дека целата онаа групација таканаречени универзитетски професори како потенцијално врвни професионалци во нивните области, а чии имиња секојдневно ги среќава(в)ме и во промискуитетните врвови на македонското политикантство, се вистинските наши „шампиони“! И тоа ѓаволско двојство нè следи веќе од самите почетоци на процесот на осамостојување на државата по 1989 година.

Нив ги има(ше) во сите македонски влади од 1991 година наваму, на особено односно исклучително важни политички позиции, но со (главно) политикантски резултати. И тоа се чувствува до денешен ден, во сите општествени пори. Македонското политикантство им овозможува(ше) речиси секојдневно да се појавуваат во двојна улога, како политичари и професионалци (експерти, аналитичари, научници…), а меѓу нив како најбројни универзитетските професори, при што граѓанинот најчесто нема(ше) соодветни репери кое својство во која ситуација превладува. Но тие, се разбира, сметаат дека тоа се безмалку идентични позиции, достапни односно привилегирано овозможени само за нив.

Но, го игнорираат базичното: дека патиштата на професионализмот/експертизата и политиката ретко се вкрстуваат туку најчесто се движат паралелно – па и во спротивни и дури спротивставени насоки – фундаментално разликувајќи се во основите, целите и мотивацијата. Или, ако сакате, станува збор за различни парадигми, за најчесто спротивставени светогледи при што во едниот превладува специјализираното знаење, експертизата, научниот односно објективниот пристап и поглед на нештата, а во другиот сировата моќ, идеологијата, интересите (лични, партиски, државни…) и др.

И целата држава се прави блесава дека не разбира што се случува, дека една „шампионска“ контрадикторна и непринципиелна групација си присвојува значење на deus ex machinа, при што граѓанинот не знае кога дотичниот „господ“ чекори низ земјата македонска како професионалец односно, научник и експерт, а кога како политичар. Но, тие го приватизирале и тој момент сметајќи дека истиот им припаѓа ним и само ним: тие се и едното и другото и нивниот глас е глас господов, сличен на оној што му се јавува на Мојсеј од опожарената грмушка! Забораваат дека таа и таква ѓаволска дупка голтнала и многу поголеми и поважни ликови, а историјата и совремието ги изложила дури и на подбив и потсмев.

Зашто, низ македонската политика и јавното мислење во континуитет од веќе цели три децении роварат едни исти ликови во двојни ролји, главно со спротивставени и/или погрешно поставени „тези“, „конструкти“ и политикантски „прогнози“, денес дури делат и совети како требало да се постапува пред една или две децении во важни историски настани заборавајќи дека и тогаш токму тие биле главните советници или политички егзекутори. Еклатантни примери беа/се двете најцрни точки во поновата македонска историја: договорот со источниот сосед и промената на името на државата, со оргастично ракоплескање прифатени и оправдувани токму од индивидуи чија „видовитост“, „експертиза“ и „прогресивна мисла“ цели три децении се плеткаше во сите најважни политички прашања во државава но не се осмели на такви чекори. Впрочем, целата „експертска“ улога на таквите политикантски шутови се исцрпува(ше) во аподиктичното акламативно одобрување на глупостите на нивните партиски газди, најчесто на штета на државата но во нивна лична полза. Нивниот кариеризам, политикантство, поводливост и идеолошко слепило се вистинскиот отров за секоја демократија.

Безмалку идентичен „професионален“ молерај се случува и со предложените актуелни законски измени во високото школство. Тие вријат од тенденциозни, често и дрски глупости, но во алармот што го вклучија во „автономниот атар“ на македонските универзитети – особено УКИМ (иако сметам дека треба понатаму да се пишува со мали букви)! – ја извлекоа на површина сета соцреалистичка политикантска нечистотија таложена таму со децении, но и самобендисаното рекламерство и ароганција на оваа (веќе) жална групација. Дури и дотаму што и „народни“ пратенички отворено бараат и некаква гарантирана „правна сигурност“ односно онаа соцреалистичка академско-кариерна недопирливост да продолжи со „век и векови“.

Но, за тоа можеби во некоја друга прилика.

Поврзани содржини