БИЛ КЛИНТОН ТВРДИ ДЕКА НЕ ЗНАЕЛ ЗА ЗЛОСТОРСТВАТА НА ЏЕФРИ ЕПСТИН Да знаев ќе го пријавев и ќе барав правда за неговите жртви

Немав поим за злосторствата што ги извршил Епстин. Без разлика колку фотографии ќе ми покажете, знам што сум направил, а уште поважно – што не сум направил, рече поранешниот американски претседател Бил Клинтон во сведочењето пред Конгресот за неговите врски со озлогласениот Џефри Епстин.

544

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон денеска сведочеше пред истражен одбор на Конгресот на САД во врска со неговото познанство со педофилот и осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. Клинтон категорично изјави дека ништо не знаел за злосторствата што ги извршил Епстин и дека никогаш не направил ништо погрешно.

– Немав поим за злосторствата што ги извршил Епстин. Без разлика колку фотографии ќе ми покажете, знам што сум видел, а уште поважно – што не сум видел. Знам што сум направил, а уште поважно – што не сум направил – изјави Клинтон.






По објавувањето на досиејата за Епстин од страна на американското Министерство за правда, Бил Клинтон е на повеќе фотографии со покојниот сексуален предатор.

Тој додаде дека, како личност која пораснала во дом со семејно насилство, никогаш не би летал со авионот на Епстин доколку имал каква било претстава за тоа што се случува.

– Ќе го пријавев и ќе барав правда за неговите жртви, наместо какви било договори – рече поранешниот претседател.

Клинтон нагласи дека и по две децении може да тврди оти никогаш не видел ништо што би го натерало да се посомнева.

– Овде сум затоа што тој толку долго го криел тоа од сите. Кога во 2008 година ја призна вината, јас одамна престанав да се дружам со него – изјави тој.

Во текот на сослушувањето, Клинтон често истакнуваше дека не се сеќава на одредени детали, но објасни дека тоа го прави за да не шпекулира.

– Заклетвата ме обврзува да не нагаѓам. Нема да кажам нешто во што не сум сигурен – додаде тој.

На почетокот на обраќањето, Клинтон посочи дека се појавил на испрашувањето во Конгресот од две причини: љубовта кон земјата и уверувањето дека никој не е над законот, па ни претседателите. Второ, рече дека жртвите на Епстин заслужуваат правда и исцелување и дека предолго чекале на тоа.

– Иако моето кратко познанство со Епстин заврши години пред неговите злосторства да излезат на виделина и иако за време на нашите ограничени интеракции никогаш не видов никакви индикации за тоа што навистина се случува, тука сум да го понудам она малку што го знам за да спречам нешто вакво да се случи повторно – рече Клинтон.

По неговата воведна изјава, сослушувањето продолжи со прашања од конгресмените. Дел од демократите најавија дека ќе постават тешки прашања, иако некои сметаат дека во фокусот е „погрешниот претседател“.

Вчера пред Конгресот беше сослушана сопругата на Бил Клинтон, поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон. Таа изјави дека никогаш не се сретнала со Епстин и не знаела за неговите криминални активности. Но, Хилари Клинтон призна дека била во контакт со поранешната девојка и блиска соработничка на Епстин, Гилејн Максвел, која присуствуваше на свадбата на нивната ќерка Челси Клинтон во 2010 година.

Хилари и Бил Клинтон првично одбија да сведочат, но подоцна попуштија откако пратениците се обидоа да ги обвинат за непочитување на Конгресот.

НЕ ГО ЗАПОЗНАВ ЕПСТИН, ЗОШТО МЕ ПРАШУВАТЕ ЗА НЛО И ПИЦАГЕЈТ? Хилари Клинтон 7 часа сведочеше во Претставничкиот дом

 

Поврзани содржини