Креативни решенија за кочење на ЕУ-членството
Неоспорно е дека геополитичките перспективи и војната во Украина ги интензивираа дискусиите за проширување на ЕУ. Но самата ЕУ придонесе за недоразбирањата, бидејќи, оптоварена со грижа на совеста за недоволната помош на Украина по започнувањето на руската инвазија, делумно да го компензираше тоа со испраќање на двојни сигнали за можно украинско приклучување кон ЕУ.
„Тоа што го научивме е дека е секогаш тешко и ризично да се ветуваат датуми за ЕУ-членство“, рече деновиве шведската министерка за европски прашања, Јесика Росенкранц, коментирајќи ги зачестените барања на Украина да добие фиксен датум за пристапување во ЕУ, по можност веќе во наредната 2027 година.
Дури и најпријателски настроените европски земји кон Украина, меѓу кои несомнено се вбројува и Шведска, заедно со соседните Данска и Финска, ги отфрлаат заложбите за поставување и дефинирање временска рамка со утврдување конкретен датум за проширување на ЕУ.
Украина сè повеќе бара брз пат кон ЕУ. Но и Германија, од која се очекува да го покрие поголемиот дел од трошоците за украинското пристапување кон европските интеграции, се спротивставува. Тоа, се разбира, го засилува украинското разочарување, бидејќи германскиот канцелар Мерц беше категоричен и веќе изрази уверување дека „брза траса“ не е решение, и дека Украина мора да ги исполни критериумите за членство.
Забрзаната постапка би значела дека Украина не би морала да ги исполни таканаречените Копенхашки критериуми за да стане членка на ЕУ. Украинскиот претседател Зеленски посакува да добие јасен и недвосмислен датум за ЕУ-членство, бидејќи знае дека ниту еден Украинец не верува во нејасни ветувања. „Зборуваме за конкретен датум за членство во ЕУ – 2027 година – и очекувам нашите партнери да нè поддржат“, напиша Зеленски на почетокот на февруари на платформата X.
Но, во рамките на ЕУ постои голем скептицизам. Особено во Берлин. Германија е најголемата земја-членка на Унијата, и економски најмоќна. Значаен дел од трошоците за интеграција во ЕУ на земја разорена од војна, со 40 милиони жители и со гигантски земјоделски сектор, би паднале на товар на Германците. Токму затоа Мерц јасно стави до знаење дека не доаѓа предвид Украина да стане членка на ЕУ на 1 јануари 2027 година. „Тоа не е можно“, изјави канцеларот Мерц неодамна по средбата со своите владини партнери, социјалдемократите. Украина треба да има перспектива за приклучување, но тоа е подолг процес.
Во исто време предлогот, кој во последно време се позачестено се заговара на разни нивоа во ЕУ, Украина да добие еден вид членство од Б-класа, без право на глас и со пристап до внатрешниот пазар, не предизвикува никаков посебно голем ентузијазам во Украина. Она што го интересира Киев е зачленувањето да се случи брзо.
Дополнителни главоболки создава и фактот дека неколку земји-кандидати за прием во членството во ЕУ, посебно од Западен Балкан, се пред Украина во редот на чекање. На пример, Црна Гора, која заврши 12 од 33 поглавја од преговорите за членство. Како следна во Брисел се споменува Албанија. Долгиот процес на реформи во пристапувањето, за кој зборува Мерц, и е секако добро познат и на Македонија, која е веќе две децении во чекалната на ЕУ.
Сепак, очекувањата во Украина постојано растат. Како што се укажува, тие во последно време се чини се зголемуваат, а што, меѓу другото, се должи на начнот на кој украинските медиуми известуваат, но едновремено не ја следат ЕУ одвнатре. Никој посебно не им објаснува на Украинците како всушност функционира Унијата или што треба да знаат за германската внатрешна политика (што е од големо значење за ЕУ). Проблематиката околу проширувањето на ЕУ се симплифицира со истакнување на фактот дека „Европејците се плашат од Русите“.
Ниту една земја од ЕУ не ги исполнила сите критериуми кога станала членка, е едно од тврдењата што се потенцираат во дел од украинските медиуми. Патем речено, истото тоа тврдење редовно се исфрала во преден план и во земјите кандидатки од Западен Балкан, како одговор на тврдо поставените реформски барања од страна на Брисел.
Но тоа, сепак, не може да се смета за целосна вистина. Во случајот на скандинавските земји, кога се во прашање Данска и Финска, или Шведска, преговорите траеја по неколку години, се до целосното исполнување на сите поставени критериуми за полноправно ЕУ-членство. Тоа што на некои други земји, како, на пример, на Романија и Бугарија, им е „прогледано низ прсти“, е друго прашање, замаглено делумно преку геополитичките интереси.
Неоспорно е дека геополитичките перспективи и војната во Украина ги интензивираа дискусиите за проширување на ЕУ. Но самата ЕУ придонесе за недоразбирањата, бидејќи, оптоварена со грижа на совеста за недоволната помош на Украина по започнувањето на руската инвазија, делумно да го компензираше тоа со испраќање на двојни сигнали за можно украинско приклучување кон ЕУ.
Сега се чини како сè да е подготвено разочарувањето во Украина да биде уште поголемо. Потребна е перспектива за приклулчување, но тоа подразбира подолг процес, вели Мерц. На каква должина на процесот можат во овој момент да се надеваат и земјите од Западен Балкан, е прашање кое секако не треба да се разгледува изолирано од таквите пораки.
Ставовите околу тоа дека ЕУ мора да се подготви за големо проширување, преку укинување на ветото, зголемување на буџетот, зајакнување на владеењето на правото, како и воведување на пофлексибилно членство, што пред извесно време значајна група експерти назначени од Франција и Германија ги изнесоа како предлози за иднината на Унијата, и понатаму се актуелни.
Со оглед на тоа дека низа ЕУ-членки заземаат јасен став во полза на Украина и на другите земји кандидадтки да се приклучат кон Унијата кога ќе ги исполнат условите, се засилуваат и барањата за реформи за создавање претпоставки за прием на десетина нови членки. Неопходни се промени за да се спроведе процесот на проширувањето, а истовремено и да се подготви ЕУ за други идни предизвици во однос безбедносната ситуација, климатските промени и пандемиите.
Во секој случај, Украина бара преговорите да можат да се усогласат на утврден датум за членство. Но, во пристапните преговори за членство во ЕУ, возниот ред, или, да речеме, редоследот на возовите е спротивен. ЕУ е затворен клуб, каде што мора да се исполнат одредени стандарди, кога некоја земја сака да се приклучи кон европското семејство.
Приемот во членство ќе се случи колку што е можно побрзо. Таков одговор најчесто се слуша. А и сега не се разликува многу од порано. Дури и кога се размислува и разговара за „диференцирано членство“, или можеби „делумно членство“ без право на глас и без сите права и обврски. Сукцесивно членство. И така би можело да се нарече.
Се разбира, вели шведската министерка Росенкранц, секогаш можеме да имаме разни „креативни дискусии“. Каков ќе биде исходот на оваа најнова дискусија околу „редуцираното“ членство, е прашање на кое сè уште нема јасен одговор.