„АКСА“ ЌЕ ГРАДИ ТРИ КОГЕНЕРАТИВНИ ЦЕНТРАЛИ ВО СКОПЈЕ, ТЕТОВО И ВО КИЧЕВО Инвестицијата е вредна 1 милијарда долари
Премиерот Христијан Мицкоски на седницата за пратенички прашања во Собранието говореше и за ветерниот парк во Штип, и 17 инвестиции во технолошко-индустриските зони.
Инвестициите коишто се почнати, се реализираат или се во фаза на договарање на државна помош, а се дел од портфолиото на технолошко индустриските зони (ТИРЗ) изнесуваат околу 650 милиони евра, тоа се 17 проекти коишто треба да креираат до 5.000 нови работни места, а во делот на извозот се очекува да го зголемат за околу 2% од БДП, поточно во вредност од околу 400 милиони долари дополнителен извоз на почетокот, што би достигнало до една милијарда евра. И тоа се инвестициите во ТИРЗ.
Ова го посочи премиерот Христијан Мицкоски на седницата за пратенички прашања, додавајќи дека инвестиции има и надвор од зоните.
Мицкоски најави дека наскоро ќе почне да се гради ветерниот парк, инвестиција на компанијата Алказар, откако деновиве ќе го добие одобрението за градба.
-Очекувам само оваа година да имаме нови 150 милиони долари, бидејќи тоа не може да се случи за неколку месеци, изградбата ќе трае неколку години, а очекувам неговата целосна функционалност да биде на почетокот на 2028 година. Тој ќе влегува во мрежа постепено и во 2027 година но неговата целосна, 100% сила ја очекувам на почетокот на 2029 година- посочи Мицкоски.
Тој се осврна и на проектот потпишан со компанијата АКСА за изградба на 2, односно потенцијална 3 когенеративна гасна централа, една во Скопје, една на половина пат меѓу Гостивар и Тетово, и една потенцијално кога ќе се однесе гас кон Кичево и да се трансформира ТЕЦ Осломеј со тоа што покрај парна турбина, да има и гасна турбина, со што ќе се добие целосната физиономија.
-Таа физиономија е нова 1 милијарда долари инвестиција којашто ќе биде важна за граѓаните но истовремено ќе значи и централно затоплување на делови на градот Скопје коишто во моментот немаат таков тип на затоплување, што е многу важно затоа што ќе влијаеме и на животната средина, но и на друг тип на параметри. Во Скопје веќе се работи за инвестицијата, Општина Кисела Вода и градот Скопје заедно со Министерството за енергетика рударство и минерални суровини, веќе работат на овој проект заедно со ЕСМ. Се развива методологијата како треба да се заврши и цениме дека ова година сите тие контури ќе бидат затворени и ќе почнеме со негова имплементација – објасни Мицкоски.