КАЈ ФЛИК НЕМА МИЛОСТ Доцнењето во Барселона чини и до 40.000 евра
Наместо суспензии, фудбалерите на Барселона отсега ќе плаќаат високи парични казни за недисциплина.
Тренерот на Барселона, Ханс-Дитер Флик, воведе нов систем на казни за фудбалерите кои ја прекршуваат дисциплината во тимот.
Наместо суспензии од натпревари, како што беше практика претходно, играчите отсега ќе плаќаат парични казни доколку доцнат на тренинзи или тимски обврски.
Во шпанската ТВ-емисија „Ел Хормигеро“, играчот од средниот ред Педри и напаѓачот Феран Торес ги објаснија новите правила што ги воведе германскиот стратег.
— Малку го променивме правилото за точност. Ако доцните, плаќате казна — изјави Педри.
Торес откри дека казната може да достигне и до 40.000 евра. Тој додаде дека Флик не се меша во неформалниот живот на тимот, ниту во нивните видеа на ТикТок или танцувањето во соблекувалната.
Според медиумските извештаи, во својата прва сезона на клупата на Барселона, Флик применувал и спортски санкции. Така, дефанзивецот Жил Кунде еднаш беше оставен на клупата поради доцнење на тимски состанок пред натпревар со Алавес.
По 25 одиграни кола во Ла Лига за сезоната 2025/26, Барселона се наоѓа на врвот на табелата со 61 освоен бод.