УНГАРИЈА И СЛОВАЧКА ПОЧНАА ДА ГИ ТРОШАТ ДРЖАВНИТЕ РЕЗЕРВИ НАФТА Поради блокадата на „Дружба“ ослободија 500.000 тони за рафинериите

Недостигот во снабдувањето на своите рафинерии во Унгарија и Словачка, МОЛ планира да го надомести со нафта што ќе се транспортира по морски пат, се наведува во соопштението на компанијата.

272

Поради нарушувања во снабдувањето по прекинот на испораките преку нафтоводот „Дружба“ Унгарија ќе пушти во продажба околу 250 илјади тони нафта од своите стратешки државни резерви, се наведува во владина уредба објавена доцна синоќа (четврток).

Унгарската нафтена и гасна компанија МОЛ во понеделникот соопшти дека од Министерството за енергетика побарала дозвола за повлекување илјадници тони нафта од државните резерви.






Со владината уредба од четвртокот барањето е одобрено, па од стратешките резерви ќе бидат ослободени побараните 250 илјади тони, при што приоритетен пристап до залихите ќе има компанијата МОЛ.

МОЛ ќе може да ја „позајмува“ нафтата до 15 април, со обврска количините да ги врати најдоцна до 24 август, се наведува во уредбата.

МОЛ се насочува кон морски транспорт, снабдувањето засега стабилно

Кон крајот на јануари, Унгарија располагала со доволно нафта и нафтени деривати за покривање на домашната побарувачка во период од 96 дена, според податоци на унгарското здружение за резерви на јаглеводороди.

Недостигот во снабдувањето на своите рафинерии во Унгарија и Словачка, МОЛ планира да го надомести со нафта што ќе се транспортира по морски пат, се наведува во соопштението на компанијата.

Бидејќи транспортот по море трае подолго, новата рута ќе се воспоставува постепено. Првите пратки се очекуваат да пристигнат во хрватското пристаниште Омишалј на почетокот на март, по што ќе бидат потребни дополнителни пет до дванаесет дена за да стигнат до рафинериите на групацијата МОЛ.

Тоа значи дека првите количини би можеле да пристигнат дури околу средината на март. Од компанијата нагласија дека актуелната состојба засега не претставува закана за снабдувањето на малопродажниот пазар со гориво.

И Словачка повлекува нафта од резервите

И словачката влада во средата одобри рафинеријата „Словнафт“, која е во сопственост на МОЛ, да „позајми“ 250 илјади тони нафта од стратешките резерви, истовремено прогласувајќи вонредна состојба во снабдувањето.

Рафинеријата ќе обезбеди финансиски депозит или банкарска гаранција во соодветна сметководствена вредност за позајмената нафта, а резервите мора да бидат обновени најдоцна до септември. Од „Словнафт“ посочија дека количината од 250 илјади тони би требало да биде доволна за најмалку еден месец.

И Унгарија и Словачка оваа недела го запреа извозот на дизел кон Украина, пренасочувајќи ги сите нафтени производи кон домашните пазари.

Поврзани содржини