МАКЕДОНИЈА НАСКОРО СЕ ПРИКЛУЧУВА ВО ТРКАТА ЗА РЕТКИ МИНЕРАЛИ Во март пратениците ќе одлучуваат по предлог законите за рударство и за геологија

Според програмата за работа на Владата за 2026 година, законите за рударство и за геологија се предвидени во делот за интеграцијата на Македонија во Европската Унија, означени со среден приоритет.

174

Македонија е на пат да ги зајакне еколошките стандарди во рударството и да даде приоритет на ископот на критичните минерални суровини. Се очекува во март пратениците да одлучуваат по предлог законите за рударство и за геологија. Според програмата за работа на Владата за 2026 година, овие два закона се предвидени во делот за интеграцијата на Македонија во Европската Унија, означени со среден приоритет. Односно, со нивното усвојување во македонското законодавство ќе бидат вградени најсовремените европски практики и стандарди во областа на ископот на минерали и издавањето дозволи за геолошки истражувања.

Во програмата се наведува дека Законот за рударство е изработен во насока да ги разгледа препораките дадени од Конечниот извештај од извршената ревизија на концесиите за експлоатација на минерални суровини од Државниот завод за ревизија за Законот за минерални суровини и за целосно усогласување на рударство со законската регулатива со европските директиви.






„Очекувањата се подобрување на транспарентноста, ефективноста за постапките за доделување на концесии за експлоатација на минерални суровини, како и искористувањето на минералните суровини и поголема контрола на концесионерите“, пишува во Програмата.

Што се однесува до Законот за геологија, според властите, тој се прави во насока да ги разгледа препораките дадени од Конечниот извештај од извршената ревизија на концесиите за експлоатација на минерални суровини од Државниот завод за ревизија, како и целосно усогласување на геолошките истражувања со законската регулатива со европските директиви. Од Владата наведуваат дека со овој закон се врши усогласување со Регулативата 2024/1252 на Европскиот парламент и на Советот од 11 април 2024 година за воспоставување рамка за обезбедување на сигурно и одржливо снабдување со критични суровини.

„Очекувањата се зголемување на транспарентност и подобрување на постапките за доделување на концесии за геолошки истражувања на минералните суровини“, се додава во текстот.

Останува неизвесно дали ќе биде усвоена и Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини на Република Северна Македонија 2025 – 2045, на чија изработка работеше и МАНУ. Во нацрт текстот се истакна дека Македонија има ресурси во форма на руда и минерали и треба да има и отвореност во однос на нејзините геолошки ресурси, истражувањата да бидат на високо ниво и да има добро образована работна сила. Во текстот се додава дека проширувањето на рударската и минералната индустрија вклучува огромни инвестиции во делови од земјата каде што таквите инвестиции беа долго време видливо отсутни, што претставува добредојден развој.

„Македонија во моментот не е силно развиена рударска земја и нејзината визија за развој треба да се однесува на тоа да го зајакне овој сектор од стопанството и да искористи што поголем дел од своите природни ресурси, односно природни минерални богатства. Со одржливо користење на сите природни минерални богатства, а во хармонија со еколошките, културните и природните вредности, можеме да создадеме работни места низ цела Македонија“, се наведува во предлог-текстот на Стратегијата за минерални суровини.

За да ги исполни зацртаните цели од Зелената агенда, Европската Унија забрзано работи за самостојно да ги осигура т.н. критични минерали и да биде независна од трети страни. Унијата настојува до 2030 година самата да ги произведува 34-те минерали, како што се литиум, бакар, антимон, никел и други, потребни за нејзината зелена транзиција. Предвидено е 10% од своите годишни потреби да се задоволат преку рударството и 25% од рециклирањето. За оваа намена, на брза лента, веќе се одобрени десетици проекти за нови рудници и изградба на постројки за преработка и во голем дел од нив финансиски учествува во инвестицијата и Европската инвестициска банка. Во дел од документите ЕУ потенцира дека ќе работи на наменски инвестициски рамки за синџири за критични минерални суровини со Украина, Западен Балкан и т.н. „Јужно соседство“. Засега не е познато дали новите закони ќе дадат импулс на ваквата соработка со Брисел.

Во секој случај, освен Брисел, за геолошки истражувања во Македонија претходно интерес пројави и САД. Во отвореното писмо на доскорешната амбасадорка на САД во земјава, Анџела Агелер истакна дека во нејзината соработка со домашните власти имало заложба „за вистински економски раст, вистински напредок во инфраструктурните и енергетските проекти и соработува за обезбедување физибилити студии кои го олеснуваат развојот на ретки земни минерални ресурси, сајбер безбедноста и одговорното управување со животната средина“.

На почетокот на февруари од Брисел соопштија дека се еден чекор поблиску до договор за заеднички напори со САД и со Јапонија за „зголемување на економската безбедност и националната безбедност“ преку обезбедување заедничко снабдување со критични суровини.

„Подготвени сме и имаме намера да соработуваме со секоја држава за да ја пронајде својата улога. Ако немате минерали, можете да помогнете во нивното рафинирање, а државите собрани тука ги вклучуваат најголемите потрошувачи на критични минерални производи кои, заедно, имаат куповна моќ да изградат поотпорен и поразновиден глобален пазар“, изјави тогаш државниот секретар на САД, Марко Рубио.

Со новите законски решенија властите предвидувааат креирање на сопствена Листа на критични минерални суровини, но и на Листа на стратешки минерални суровини. Исто како и во САД и македонските власти на секои три години ќе треба да ја разгледуваат листата за можно ажурирање.

Поврзани содржини