Европска федерација или (по)лабава ЕУ
Федералниот устав би можел да ги укине споделените овластувања што ја формираа основата на нејасната поделба на овластувањата и да ѝ даде на ЕУ целосен суверенитет таму каде што е најефикасен: пазарот, климата, одбраната на Унијата и, што е посебно важно, заедничката надворешна политика.
Не е првпат германскиот канцелар Фридрих Мерц да истапи со тврдење дека проширувањето на ЕУ е геополитички императив. Според иновативните решенија содржани во неговиот најнов предлог, за земјите кандидатки од Западен Балкан се предлага постепена интеграција. Таквиот процес би можел да се заснова на „градење блокови“ што би овозможиле усогласување со европското законодавство чекор-по-чекор, со можно „подесување“ на брзината на интеграциите.
Идеите за различни брзини и создавање блокови во евроинтеграциите не се нови, и често се врзуваат и за процесот на ЕУ-проширувањето. Во 2019 година Франција актуелизираше неофицијални дипломатски консултации за можностите на поединечни земји од западен Балкан да им се понуди привилегирано специјално партнерство.
Смислата на привилегираното партнерство би било замена наместо полноправно членство во ЕУ. Според овој предлог, како што тогаш беше пренесено, на земјите од западен Балкан би им била понудена финансиска помош, посебни аранжмани за пристап до европските пазари и други бенефиции во замена за „тивко откажување“ од полноправното членство. Некаков посериозен исчекор во таква насока досега не е забележан.
Инаку, тогаш се случи блокада од страна на Франција, при што претседателот Макрон стави вето на започнување на пристапните преговори на Македонија и Албанија, инсистирајќи дека ЕУ треба, пред сѐ, да се концентрира на сопствените реформи пред да се залага за понатамошно проширување. Макрон исто така повика и на воведување нова методологија на преговорите за пристапување. Што значи тоа, сѐ уште не е јасно.
Макрон во секој случај се залага за политика каде што ЕУ мора да помине низ длабоки институционални реформи за да може да се справи со проширувањето. Во таа смисла се и неговите заложби се заговарање на „Европа со повеќе брзини“, и притоа во повеќе аспекти има слични размислувања како Германија. Во преден план кога се во прашање потребите за институционални реформи.
Макрон верува дека ЕУ не може да прими нови членови, како што се Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан, без првин да се промени начинот на кој се управува и донесуваат одлуки во Унијата. Појдовна основа е дека проширувањето на ЕУ со над 30 земји-членки би барало некои земји да се интегрираат побрзо и подлабоко во одредени области, без сите сегашни 27 земји-членки да мора да се согласат. Слично на најновиот предлог на Фридрих Мерц, Макрон веќе предложи Украина и другите земји-кандидатки да бидат поврзани со „паралелна европска заедница“. Франција и Германија, всушност, сакаат да ѝ дадат на Украина симболично место на преговарачката маса, но без право на глас или целосен пристап до земјоделската и структурната поддршка на Унијата. Една од иницијативите на Макрон е и Европската политичка заедница, поширок форум надвор од формалната соработка на ЕУ, каде што европските лидери можат да дискутираат за безбедносни и геостратешки прашања.
Во последно време, всушност, во контекстот на глобалните геополитички промени, пошироко во Европа сѐ понагласено доаѓаат до израз идеите за федерализација преку што би се овозможило зацврстување на незавршената политичка конструкција на ЕУ, вклучувајќи ги и перспективите за натамошното проширување. Емануел Макрон долго време се профилираше како водечки поборник за развој на ЕУ во федерација. Неговата визија се темели на идејата за „суверена Европа“, со што Унијата би станала геополитички понезависна, економски конкурентна во однос на САД и Кина и пообединета во кризи.
Веќе со години европските политичари се соочуваат со сериозни прашања зошто европскиот континент економски стагнира. Прашањата за кои се дебатираше беа зошто Европа е послаба во иновациите во споредба со САД и зошто единствениот пазар, и покрај тоа што постои повеќе од 30 години, сè уште наликува на крпеница од национални регулативи. ММФ покажа дека трговските бариери меѓу земјите од ЕУ всушност ги надминуваат повеќето тарифи што на ЕУ ѝ се наметнати од трети земји. Пресметано во конкретни бројки тоа практично значи зголемување од 44 проценти на трошоците за стоки и за 110 проценти на услугите.
Но едновремено многумина експерти укажуваат дека дебатата, за жал, во последните неколку години се фокусираше повеќе на привремено ублажување на болката, отколку на лекување на болеста, бидејќи она што навистина недостасуваше во Европа е солидна политичка дебата за основните причини за стагнацијата.
Во извештајот „Федерализам за раст“, изготвен од шведскиот тин-тенк „Тимбро“, основната интенција е да се покаже дека коренот за причините за стагнирање е првенствено поврзан со недовршената политичка конструкција на ЕУ, а не со индивидуалните политички грешки. Необичната мешавина на наднационална и меѓувладина соработка во договорите на ЕУ не успеа да создаде ефикасна поделба на овластувањата меѓу ЕУ и нејзините земји-членки. Од една страна, ја исцрпи наднационалната моќ таму каде што е навистина потребна, за да се создаде обединет внатрешен пазар, заеднички глас во надворешната политика и заедничка воена одбрана. Од друга страна, нејасната поделба на овластувањата ја поткопа националната автономија во прашања каде што централизацијата не води до поефикасни политички одлуки, како што се политиката за социјална помош, локалната политика за животна средина или националната буџетска политика.
Низа истражувања, пак, покажуваат дека постепеното поместување на моќта кон Брисел не ја претвори ЕУ во федерација, туку во „превртена конфедерација“. Со други зборови, организација која ја контролира националната политика детално, но нема сила во навистина наднационалните прашања.
Федералниот устав би можел да ги укине споделените овластувања што ја формираа основата на нејасната поделба на овластувањата и да ѝ даде на ЕУ целосен суверенитет таму каде што е најефикасен: пазарот, климата, одбраната на Унијата и, што е посебно важно, заедничката надворешна политика. За возврат, уставот би можел да создаде посилна заштита за националната автономија во прашања од кои ЕУ треба да се држи подалеку, како што се политиката за социјална помош, локалната политика за животна средина и социјалните прашања.
Принципот на едногласност постојано ја спречуваше Европа да стане геополитички актер и им даваше право на вето на одделни земји. Со укинување на правото на вето и воведување на министер за надворешни работи на Унијата, Европа може да ја игра истата тешка улога во надворешната политика што веќе ја игра во трговската и климатската политика. Заедничката одбранбена организација во исто време треба да ги изгради заедничките воени капацитети таму каде што ЕУ во моментов е целосно зависна од Соединетите Американски Држави.
Спротивно на популарното верување, федералниот устав може да создаде посилна заштита. Федерална Европа не би требало да се сфаќа преку заложбите за бришење на културната разновидност на Европа. Мултијазичните федерации како што се Канада, Белгија и Швајцарија покажуваат дека федерализмот е целосно компатибилен со јазичното и културното богатство. Во Канада и во Белгија, федерализмот беше воведен токму за да се зголеми автономијата на различните етнички групи, а не за да се хомогенизираат.
Европа сега се соочува со избор. Во основа, ЕУ може да се избере продолжување на соработката во рамките на досегашните ЕУ-договори што генерираа низок раст и геополитичка слабост. Или може да го направи следниот чекор и да го развие денешниот лабав, полузавршен сојуз, во целосна, модерна федерација.
Процесот на проширување со прием на нови придружни или асоцирани членки, со редуцирани права и нивно поттурнување кон ќошот на заедничката маса во Брисел, ниту со претходните визии на Макрон, ниту, пак, со најновиот предлог на Мерц, се чини стануваат доволно јасни и конкретни.