И ДОСЕГА НЕМАЛО ВОНРЕДНО СТУДИРАЊЕ НА НЕКОИ ФАКУЛТЕТИ Сме имале подобар закон, па сме донеле полош – сега треба да се исправат работите
На дел од регулираните професии законот не дозволува вонредно студирање и тоа е во правец на јавниот интерес на државата. Не се дозволува вонредно студирање на Медицинскиот факултет, што и досега е така, но отсега и на наставничките факултети. Oд јавен интерес e тие студии да се модернизираат, да се зајакнат, за да може во иднина да добиеме подобар производ, не последен на ПИСА, туку ученици што ќе се придвижат нагоре на рангирањето на знаењето, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостувањето на утринската програма на ТВ „Алфа“.
Таа вели дека многу нешта се променети од стариот закон, дека се додадени неколку значајни елементи, кои им се многу важни на студентите.
– Дадовме предност при вработување на оние студенти што ќе се вратат од студиите на првите 100 светски универзитети, на студентите добитници на „Инженерски прстен“ и на најдобрите 10 студенти на универзитетите. Го продолживме нивниот мандат од една на две години во сите тела на факултетите и на универзитетите. Дозволивме нивно вработување на проекти и одредивме колку е минимумот што ќе го добиваат како демонстратори. Сметам дека ова е многу значајно и реакциите се многу позитивни – изјави Јаневска додавајќи дека со предлог-законот за високото образование, за кој јавната расправа почнува денеска на Универзитетот „Мајка Тереза“, се предвидуваат и измени што се однесуваат на организацијата на универзитетите, критериумите за избор во звања.
Таа истакна дека во овој момент се дискутираат критериумите за избор во наставно-научните звања и дека има промени со тоа што се бара повеќе научна работа со објавување научни трудови во бази на научни трудови, како што се Web of science и Scopus.
– Бараме и цитираност на овие нивни дела на научноистражувачкиот потенцијал на универзитетите. Законот јасно бара интернационализација на факултетите, поврзување со други, тие може да одлучат со кои, но препорачливо е тоа да е во европскиот простор, да формираат или да организираат заедничка настава во правец на двојни дипломи и многу други промени, структурни промени, кои сметаме дека ќе придонесат за раст на квалитетот во високото образование – истакна министерката.
Јаневска нагласи дека Министерството „не смее и не може да се меша во студиските програми, тука доаѓа до израз студентската автономија, но законот бара и да се модернизираат студиските програми“.
– Го менуваме моделот, законот бара модуларност во студирањето, што значи ќе треба нови студиски програми, и со самото тоа што ги зајакнуваме критериумите за избор во звања, очекуваме наставно-научниот кадар малку повеќе да се занимава со наука и тоа знаење да им го пренесе и на студентите – рече министерката.
Таа нагласи дека во минатото имало закон во кој повеќе се барало од наставниците и тогаш нашите универзитети станувале повидливи.
– Потоа доаѓа еден друг закон, кој драстично ги намалува критериумите, и евидентен е падот на рејтингот на нашите универзитети. Сега повторно очекуваме тој да се поткрене. Нашите научници, нашите универзитети, кои навистина ги има добри и кои без обврска објавуваат во значајни бази на списанија, треба да станат повидливи, треба да станат препознати во светот, нашите универзитети да нудат квалитет и да станат повидливи, со тоа да привлекуваат повеќе студенти, вклучително и странски. Вмрежувањето на наши со други странски универзитети исто така ќе ги направи универзитетите и наставно-научниот кадар повидливи, а студентите од тоа секако ќе имаат бенефит затоа што ќе има размена на искуства. Оттука, дефинитивно очекуваме рејтингот на нашите универзитети по извесен број години да се подобри – изјави министерката Јаневска.