САД НЕ САКААТ ЕВРОПА ДА ИМ БИДЕ ВАЗАЛ Вашингтон нема причина да се сомнева дека Навални бил отруен

По средбата со Рубио, словачкиот премиер Фицо изјави дека се надева дека следната година ќе потпише договор со американската компанија „Вестингхаус“ за водење конзорциум за изградба на нова нуклеарна централа.

259

Американскиот државен секретар Марко Рубио во Братислава изјави дека САД не сакаат Европа да биде „зависна“ или „вазал“ на Вашингтон.

– Не сакаме Европа да биде зависна и не сакаме Европа да биде вазал на САД, туку да биде партнер – наведе Рубио по средбата со словачкиот премиер Роберт Фицо.






Рубио се осврна и на наводите на пет европски држави дека рускиот опозиционер Алексеј Навални бил отруен од токсин на жаба односно со епибатидин, силен нервен токсин, добиен од отровна жаба во Јужна Америка. Тој потенцира дека тоа е вознемирувачко и оти САД немаат причина да се сомневаат во тврдењето на Велика Британија, Франција, Германија, Шведска и Холандија.

– Тие држави дошле до таков заклучок. Тие ја координирале студијата. Ова не значи дека ние го оспоруваме или се обидуваме да дебатираме со овие земји околу резултатите. Но, тоа е нивниот став – нагласи Рубио.

Русија повеќе пати демантираше дека е вмешана во смртта на Навални, кој почина во затвор на 16 февруари 2024 година на 47-годишна возраст.

Претходно, Фицо изјави дека Словачка се надева дека следната година ќе потпише договор со американската компанија „Вестингхаус“ за водење конзорциум за изградба на нова нуклеарна централа. Тој посочи дека Словачка е заинтересирана за купување на уште 4 авиони ловци Ф-16 од САД за да има вкупно 18 авиони.

Фицо истакна дека има информации оти е поправен нафтоводот „Дружба“, по уништувањето во источна Украина, преку кој се испорачува нафта за Словачка и за Унгарија. Според него, испораките на нафта за Унгарија и Словачка станале дел од политичка уцена.

– Тоа што денес се случува околу нафтата го доживувам како политичка уцена кон Унгарија, поради бескомпромисниот став на Унгарија за членството на Украина во ЕУ – посочи Фицо.

Словачка добива руска нафта преку „Дружба“, но испораката овој месец беше прекината поради уништувањето на дел од нафтоводот во источна Украина. Братислава очекува да биде обновена испораката во наредните денови.

Поврзани содржини