БРЕМЕНА ЖЕНА ПРЕТЕПАНА ВО СКОПЈЕ Успеала да избега на семафор и да побара помош
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишник осомничен за семејно насилство откако физички ја нападнал својата бремена партнерка, која успеала да избега и да повика полиција.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за телесна повреда во случај на семејно насилство. Според информациите, тој физички ја нападнал својата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Инцидентот се случил во домот на улицата Рајко Жинзифов во Скопје. По расправија, осомничениот започнал да ја удира жената со тупаници и шлаканици, нанесувајќи ѝ гребаници, отоци и хематоми на главата и телото.
Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека насилството ескалирало кога жената почнала да вика и да бара помош.
– Колку посилно викала оштетената со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, толку поагресивен станувал осомничениот, при што во еден момент ја притиснал со рацете за вратот со цел да ја замолчи – велат од Обвинителството.
Во обид да се спаси, жената го убедила напаѓачот да одат кај гинеколог за да направат ЕХО-преглед. Додека се движеле со автомобил и застанале на семафор на булеварот Св. Климент Охридски, таа успеала да избега од возилото и влегла во блиско кафуле.
Од лице кое седело во кафулето позајмила мобилен телефон и веднаш го пријавила случајот во полиција.
– Јавниот обвинител достави предлог до судијата на претходна постапка за определување мерки на претпазливост, вклучувајќи обврска осомничениот да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената – информираат од Основното јавно обвинителство Скопје.