ВОЗЕЛЕ И БЕЗ ДОЗВОЛА И СО ЗАБРАНА, НО И ПИЈАНИ Приведени 10 возачи, полицијата им ги одзема возилата
Мотоцикл одземен во Куманово по сообраќајка, автомобили запленети и во други градови.
Полицијата во текот на вчерашниот ден приведе десет возачи на различни локации низ државата, поради сериозни прекршувања на сообраќајните правила.
По еден возач бил лишен од слобода во Скопје, Куманово, Велес, Кавадарци и во битолскиот регион, затоа што управувале возило без возачка дозвола.
Особено загрижува случајот во Куманово, каде што еден од возачите претходно со мотоцикл учествувал и во сообраќајна несреќа. Од него е одземен мотоциклот, а на останатите возачи кои немале дозвола им се одземени автомобилите.
Дополнително, по еден возач во Скопје, во општина Чашка и во прилепскиот регион биле фатени зад волан иако имале изречена забрана за управување моторно возило од Б-категорија. И на нив им се одземени возилата.
Во Кочани бил приведен возач кој управувал автомобил под дејство на алкохол, додека во радовишкиот регион полицијата затекнала возач кој возел со брзина далеку над дозволената.
Сите лица биле приведени во полициска станица, а по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да не седнуваат зад волан без положен возачки испит, да не управуваат возило под дејство на алкохол и да ги почитуваат изречените забрани.